речиси (прил.)
Чекорите што доаѓаа откај ходникот, многу тешки и речиси идеално рамномерни, ја одмеруваа должината на ноќта и неизмерливоста на неизвесноста.
„Желките од рајската градина“
од Србо Ивановски
(2010)
Речиси иста судбина во различни времиња.
„Амбасади“
од Луан Старова
(2009)
Неговиот титански гениј, во својот брз развој, покажал речиси натприродна сила.
„Бетовен“
од Џорџ Александер Фишер (превод Јана Андреевска)
(1905)
Оркестарските концерти биле релативно ретки, а вокалните рецитали речиси непознати.
„Бетовен“
од Џорџ Александер Фишер (превод Јана Андреевска)
(1905)
Престанав затоа што кога бев пред свршување се сетив дека жена ми е во соседната соба поради што посилна беше мојата желба да одам да видам што прави таа одошто да се предадам на таа свињарија на која речиси ѝ бев подаден.
„Балканска книга на умрените“
од Мето Јовановски
(1992)
Сега не беше младич, но она ластарестото сѐ уште ја оптегнуваше неговата тенка, пегава става во излитена англиска блуза со боја на пожолтени дабови лисја, а Змејко немаше време да направи ниеден чекор кон таму, кога оној веќе стоеше до него, во средината на таа група крај колите и тие си ги тресеа рацете еден на друг со онаа наеднаш повторно родена жестокост, која сѐ повеќе растеше и стануваше пак дива и разврескана во нив, продолжувајќи сето време да се потчукнуваат по рамената, уште пожестоко, а денот дури сега навлезе во неговите очи и го заслепи, просто го исполни сиот, така што тој сега речиси сети како е тесен во себе за да го прими тој убав планински ден наоколу, додека некој од селаните крај него рече: „Змејко е печен, вечер се запишува в Задруга“, а тоа сега воопшто не беше важно, беше толку далечно од него, како да било во еден сосема подруг живот.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Тоа волкот просто ја имаше во својата уста неговата крв и трепереше од нејзиниот вкус, а во тоа имаше и една таква безизлезност, што тој не беше во состојба да не се подигне од петици, речиси маѓепсан од едно такво ужасно навестување на една ваква чиниш од самото дно на пеколот извадена и зачекорена и наеднаш толку необорива вистина.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
По таа причина поубави му се чинат на човека речиси само оние наречја и говори што ги слуша тој или ги има слушано почесто.
„За македонцките работи“
од Крсте Петков Мисирков
(1903)
Тргна полека надолу мислејќи само на работата што требаше да се стори ноќеска и така речиси и не сети кога сурнал в река.
„Луман арамијата“
од Мето Јовановски
(1954)
Потоа тој ја презел грижата за семејството и живеел тежок живот во речиси секој поглед, наоѓајќи утеха единствено во работата на својата уметност.
„Бетовен“
од Џорџ Александер Фишер (превод Јана Андреевска)
(1905)
Наеднаш, кога Балот сосема испари од сферата на неговото интересирање, негде попладнето, кога дефинитивно беше објавен денот на одржувањето на оваа забава секретарката Јованка влезе во канцеларијата со поканата в рака и тоа држејќи го пликот поткренат над градите, речиси допрен до нејзините розови усни.
„Желките од рајската градина“
од Србо Ивановски
(2010)
Никогаш не сум можел да живеам во колектив (тоа ја објаснува и потребата овде да не кажам речиси ништо и за моето семејство); дури имам отпор и кон јавните нужници, автобусите и возовите; ми се гади од помислата дека седам на столче или WC шолја на која седеле илјадници пред мене, макар таа да биде и целосно дезинфицирана и стерилизирана.
„Папокот на светот“
од Венко Андоновски
(2000)
Велат дека речиси секој жител на градот барем еднаш неделно поминува по неколку часа во ладовините на оваа планина.
„Патувања“
од Никола Кирков
(1982)
30. Во Источна Румелија (Јужна Бугарија) во тоа време живееја Бугари, Грци и Турци, па се признаваа и сите овие јазици, но по присоединувањето кон Бугарија постепено Грците и Турците речиси наполно беа иселени.
„За македонцките работи“
од Крсте Петков Мисирков
(1903)
Поточно, ако општествено научното гледање на сето постоечко во некои теориски концепции уште и ја доведувало во прашање сеуреденоста и, следствено, објаснивоста на социјалните, историски, духовни, културни итн. феномени, на природонаучните пратеници кои во научната република ги застапувале владеачките парадигми или научно-истражувачки програми - тоа речиси не им паѓаше на ум.
„МАРГИНА бр. 26-28“
(1996)
Зар да го осудиме принцот на Честољубието Ние што знаеме од најрано детство Дека речиси на сите паметници на великаните Високо кренатата рака од бронза Иако празна нѐ храни со надеж!
„Посегање по чудесното“
од Србо Ивановски
(2008)
Наредните денови ми поминаа во една жизнерадосност поради која пладневните запурнини речиси не ми пречеа.
„Човекот во сина облека“
од Мето Јовановски
(2011)
Во случајот со Пасторалната симфонија речиси и не било потребно, бидејќи е релативно лесна за разбирање.
„Бетовен“
од Џорџ Александер Фишер (превод Јана Андреевска)
(1905)
Од делата на големите композитори кои ги пишувале двата жанра музика, оние кои се посветени на религиозни теми ќе се покажат многу супериорни во речиси секој случај, со исклучок на Моцарт, кај кого неговата Миса во Бе-дур и Реквиемот може да се споредуваат со која било негова опера.
„Бетовен“
од Џорџ Александер Фишер (превод Јана Андреевска)
(1905)
Во тие белешки ја потцртува важноста на постапката којашто ќе ја обедини идејата на случајноста и идејата за појавата, кои речиси претставуваат општи идеи во неговото размислување како целина.
„МАРГИНА бр. 6-7“
(1994)