сакан (прид.)
1. Еден Циган без цигулка Еден Циган без Циганка Еден Циган без дружина донеса денеска Замижано над постела тој стегаше раце суви борејќи се со некого заздиван Па наеднаш грабна дизгин невидлив и атот игрив го потера сиот в пот и распеан Но в час коњот се исплаши и се сопна Тој извика на уста со топла пена румена Не го крена коњот сакан Не намести нови жици Под чергата в пламен сета замолча Еден Циган без дружина еден Циган без Циганка еден Циган без цигулка однесоа денеска.
„Дождови“
од Матеја Матевски
(1956)
Имате желби да летате, да патувате, да бидете сакани, да ви се живи и здрави тато и мама, имате желба убаво да се облекувате, да имате свои книги, имате желба да бидете добри ученици, да имате добри другари и слично.
„Добри мои, добар ден“
од Глигор Поповски
(1983)
Уште една паралела со историјата на Србија: да беше Србија незадоволна од својата судбина во државата на Немањиќевците, таа ќе правеше обид да се ослободи и да им се спротивстави ним со стремежот да се присоедини кон Бугарија; но обидот ќе беше направен и ќе доведеше до саканите резултати само ако дозволуваа историските околности; но последниве не го дозволија тоа и Србија се помири со околностите и беше загубена за Бугарија.
„За македонцките работи“
од Крсте Петков Мисирков
(1903)
Ми заличи на изненадено дете кога ќе ја здогледа саканата играчка.
„Летот на Загорка Пеперутката“
од Србо Ивановски
(2005)
Шепотеше со рапави воздишки дека саканите синови и милите снаи го испратиле по воденички камења во туѓа каза да се избават од него.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Но околу полноќ пак се вратија полицајците и во затворен воен камион ја кренаа и протераа од целото гратче саканата и почитувана старица...
„Бојана и прстенот“
од Иван Точко
(1959)
Саканите коњи галопираат по сребрената нотна долина.
„Слово за змијата“
од Александар Прокопиев
(1992)
Бојан често се распрашуваше кај деда си за имињата на околните места кои укажуваа на едно далечно минато, на поинакви времиња, а момчето сакаше да се нурне во тоа минато, да ја разоткрие и запознае и од таа страна својата сакана долина, но и дедо му даваше нејасни, колебливи одговори, што значеше дека многу работи и тој не ги знае.
„Бојан“
од Глигор Поповски
(1973)
Диво водевме љубов со саканата на подот во дневната соба. Како животни.
„Азбука и залутани записи“
од Иван Шопов
(2010)
Се плашеше некој на неговите сакани Балканци, да не им ја фрли во нов облик семката на јаничарската идеја.
„Времето на козите“
од Луан Старова
(1993)
Бојан лежеше со отворени очи, долго лежеше така и се чувствуваше како повратник кој долго време бил во некој далечен, туѓ предел, па сега, враќајќи се во својот сакан, познат крај го доживува како ново откритие и влегува во него со извесна претпазливост.
„Бојан“
од Глигор Поповски
(1973)
Од таков систем, социјализмот одамна веќе беше избегал, како изгорен од пламени јазици, кои само што се зададоа од подотворената уста на капиталистичката демократија, ги натераа на бегство и младите од својата сакана земја Македонија.
„Ветришта“
од Радојка Трајанова
(2008)
Жената на трговецот минуваше од устата до уста, разголувана и сакана.
„Пустина“
од Ѓорѓи Абаџиев
(1961)
Тој си го избакнал детето во лулката, нежно ја прегрнал саканата, и таа цела ноќ го слушала како ѝ липа врз градите.
„Црни овци“
од Катица Ќулавкова
(2012)
Да не мораш да го браниш она што си го внесол најубавото во тебе, со единствена желба да причиниш радост, да сретнеш сјај во сакани очи!...
„Бојана и прстенот“
од Иван Точко
(1959)
Но, кога виде дека со ништо не може да ѝ го покори срцето на саканата мома - нареди овој прстен да ѝ се однесе.
„Бојана и прстенот“
од Иван Точко
(1959)
Дај ми собитие што говори за лоши дела, и јас веднаш, под дланката ќе сетам темни букви, гласови темни, пискотници, студени слова од кои кожата се ежи; дај ми слово божествено и богоугодно, за големи подвизи што зборува, и јас веднаш под раката чувствувам гласови светли, букви топлокрвни, оган во писмото чувствувам, како кога љубениот на саканата писмо ѝ пишува.
„Папокот на светот“
од Венко Андоновски
(2000)
На перонот останаа тие мои најасакани суштества на светот, а нивните раце правеа движења како птици во лет и стануваа сѐ подалечни и едвај видливи.
„Животот од една слива“
од Зорица Ѓеорѓиевска
(2014)
Побратими... Заедно, во ист ден се оженија за двете сакани моми од селото...
„Бојана и прстенот“
од Иван Точко
(1959)
Кога му беше тешко среде книгите и не го наоѓаше саканиот излез, тој излегуваше на чардакот и ја бараше реката како патоказ на судбината.
„Патот на јагулите“
од Луан Старова
(2000)