свод (м.)

Во приземјето ѝ е сместен дуќан за продажба на очила, чие лице гледа во прекрасните сводови на знаменитиот Камен мост врз Вардар.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Пеш по светот поема Песна прва Греј, о мила месечино, сјајно, греј и огреј ми страден род, во мачна душа шепни му тајно за дните нови под златен свод.
„Песни“ од Коле Неделковски (1941)
Остана надвор од кипежот под неговите величествени сводови.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Можеш ли да му ја поматиш верноста кон земното, додавајќи знак по знак откривајќи ги срамните делови на твојот систем загадочниот метод небесниот свод- дом за да може да оди по истиот пат и да стига до истата цел човекот, оној кој над црната точка стрепи по сличното, од различното стрепи спојува еден со друг: еден и еден, два со два, седумдесетидва името го дели на четири елементи – I.H.V.H. тетраграматонот го врти, го враќа ред по ред реди вистината на скрбта ја учи завист и суета, суета и завист сѐ е бесценет камен, а број свет и сила равенката меѓу нив се припикнува како вода меѓу шуплинките во карпата како зрак во мрачна капела бели точки на црна површина поделена на две: еднооко човече дворог Пан троока нимфа четириаголен круг пирамидална петка црно на црно расфрлан, разигран Ум на Светлоста Умна светлост.
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)
За сите луѓе и не-луѓе под овој свод – не играјте си Господ!
„Сите притоки се слеваат во моето корито“ од Марта Маркоска (2009)
Студот извираше од нејзините камени сводови.
„Црни овци“ од Катица Ќулавкова (2012)
Таму само ќе помине покрај изгорената црква, која еве цел човечки век се моли со отворен покрив кон небесниот свод, додека камените ѕидови ѝ се раскостуваат од малтерот сосе фреските, а место иконите ѝ се читаат профани графити.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Онаму каде што една од тие радијални авении се вкрстуваше со периферниот автопат, која формираше свод во форма на виножито, во предградието на големиот град, се наоѓаше една општина, со своја самоуправа и независност од градот, а сепак таа се прихрануваше, како најоддалечен грозд на винова лоза, благо откачен од ластарот, што ја шмука својата хранлива материја од главното стебло до земјата.
„Невестата на доселеникот“ од Стојан Христов (2010)
И одеднаш, а за него толку многу во вистинскиот миг; во оној највистинскиот и единствен миг од вишнеењето на ова негово будење, таа пукната сина шир пред неговиот поглед ја распараа неколку црвеникави штркнати, прачки, исто како да се распука нејзиниот свод.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Доаѓаше ли од темнината на шумите, од височината на ѕвездениот свод над мене, од модрината на далечниот океан, од мирисот на смилот и мајчината душичка во Одајата со чаеви, или од длабочината на моето срце?
„Игбал, мојата тајна“ од Јагода Михајловска Георгиева (2000)
Во своето време тој бил најдобар ѕидар на камени мостови, но не била само неговата вештина тоа што ја спречило Луда Река да не ги зграпчи столбовите на мостот и да не ги проголта неговите сводови и потпори.”
„Невестата на доселеникот“ од Стојан Христов (2010)
И пак: Додека луѓето во страв и ужас се криеја, по келарите од куќите и најдлабоките засолништа, од милијардите ледни погледи на сивокрилните Сили што го затемнија небото, оние малкумина меѓу нив што не најдоа засолништа и се затекоа тука, гледаа во чудото што се случуваше пред нивните широко отворени очи, зашто силна светлина бликна од Светијата над светиите и пред неа се отвори тешкиот превез од прашина што надоаѓаше од пустината, а потоа се раствори и сенката на крилестите Сили што светлината ги претвораше во пламен и пепел штом ќе ги допреше, додека нивните трипати свиени шофари паѓаа во снопот, се палеа од неговата огнена сила и се спепелуваа како и крилјата на сивокрилите летачи што ќе ѝ се најдеа на патот на чистата светлина, додека спржените ангели со ледни очи крескаа во ужас и паѓаа одгоре и допламнуваа, превртувајќи се низ воздухот како огромни пеколни факли, а светлината што бликаше од скутовите на Храмот отвораше пат, угоре, кон чистото небо, та тогаш оние од Израилот што го видоа тоа чудо на светлиот пат што ја спои утробата на Храмот со разгрнатата порта на Небото, посведочија уште едно чудо во кое, полека лебдејќи, по патот на светлината почна да се искачува арката на Заветот со Законот во неа и фати да се оддалечува и се упати кон портите Небесни и кога овие ја примија се затвори капијата на Сводот, превез од темни облаци го препокри затвореното небо, а зракот од срцето на Храмот полека почна да слабее сѐ додека наполно не згасна, та во Светињата над светитите ја немаше веќе самата Светиња во која престојуваше Зборот Божји, а за земјата немаше веќе Законот Негов, само студениот ветер на темните Сили...  Доктор Корец ги отвора очите.
„Светилка за Ханука“ од Томислав Османли (2008)
Ветар вечен меѓу сенки опаш влече!“ Од песната сводот ечел.
„Пупи Паф во Шумшул град“ од Славко Јаневски (1996)
Монашки нишан: сведоштвото на Лука Блажениот 29 „Има нишани што ги следиш од рано детство без да знаеш зошто: - се будиш предзори додека сосема не се повлекла глувата сенка на ноќта кога сѐ е разбиено на безброј дробни честички сетен ситнеж кој подоцна ќе се склопи во запрепастувачки складен и топол мозаик, во фрески по ѕидовите, по подот, на сводот и сеќаваш кревкото, кршливото порозното, обезличеното се преобразува во својата виша смисла и ти се обзнанува: ни еден слом не е алогичен!; - тукушто си пркнал уште дете, стануваш аскет и заминуваш незнајно каде само (посакуваш!) да биде тивко, молебно створено и од природата, и од човека за деноноќно бдение за созерцание, вертикално понирање на веда - од небеса до подземи за живеење со жиг и жедба на монах ни горе-ни долу повеќе таму, одошто овде
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)
Огромната површина го потсетува на бескрајот што се простира не само, сега, под него, туку и во длабочините на небото и потаму, на бескрајот на космичкиот свод со кој, непоколебливо верува бен Цви, владее онаа семоќна сила што тој ја замислува како Создател.
„Светилка за Ханука“ од Томислав Османли (2008)
А пак тогаш: Сивокрилите ангели полека фатија да се источуваат пафтајќи со крилјата и упатувајќи се на запад, и наскоро одново се покажа сводот небесен што сега ја немаше својата, туку бојата на проклетството, а од силната војска се издвои само еден одред од Силата што го препокри градот во кој згаснуваше сѐ: и криците, и довикувањата, и трчаниците, и стравот на луѓето, та носејќи факли со сумпорен пламен се одвоија од јатотото и фатија да се спуштаат полека кон Градот...
„Светилка за Ханука“ од Томислав Османли (2008)
Сите ги кренаа носевите замислувајќи дека се принцеви на небесниот свод.
„Знаеш ли да љубиш“ од Ивана Иванова Канго (2013)
Синот на другата страна од лакот, и тој сводот го крепеше. И молчеше, растреперен, тажен.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
Над него небесниот свод се затвораше како врата на џиновски хангар.
„Пловидба кон југ“ од Александар Прокопиев (1987)
Навигаторот под отворениот ведар ноќен свод е едно предадолесцентно девојче.
„МАРГИНА бр. 8-9“ (1994)
Повеќе