силуета ж.

силуета (ж.)

Во далечина се гледаше сина силуета на Пелистер а позади него отсјај од темно портокаловото сонце кое веќе беше зајдено.
„Белиот јоргован“ од Хајди Елзесер (2012)
Низ прозорецот можевме да го забележиме едниот од петте стражари чија силуета на сртот од благата височинка личеше на стрелка која се движи според строго одреден интервал, навестувајќи го скорешното паѓање на мракот.
„Полицајка в кревет“ од Веле Смилевски (2012)
Останува мојата сива силуета која напати делува тромаво и набиено.
„Знаеш ли да љубиш“ од Ивана Иванова Канго (2013)
Ливадата на ова сосем голо теме од моето присуство облик ќе си земе достатен за сите чудесни каприци што висат со набој на две овчји цицки во оваа прва архетипска штама прецизно се слушам како блеам сама се одбивам и пуштам во чисто звучни пруги моето ткиво да пропадне во флуид ливадата ин виво бесконечно ја рудам ме нема, ме нема не знам како пеам и зошто се трудам Знам, моја силуета но друга овца шета со оваа шепа.
„МАРГИНА бр. 2“ (1994)
Во темнината се појави фенер. Вознемирени силуети се распрснаа и се притаија во неосветлените агли на каушот.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Од самата порта на офицерскиот ја забележа силуетата на нејзиниот сакан: тој стоеше на дваесетина метри од влезот во офицерскиот дом и гледаше во неа.
„Белиот јоргован“ од Хајди Елзесер (2012)
Тој притисна на гаста и ние јурнавме назад; дојдовме до свиокот и тој застана; го насочи фарот кон колата, но ништо не можеше да се види внатре, освен две силуети што се раздвоија кога фарот блесна.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Го видов јасно во растреперените сенки од фикусот и исплашено ги затворив очите, но неговата силуета не исчезна.
„Азбука и залутани записи“ од Иван Шопов (2010)
Будимпешта, низ која тече Дунав, е посебно доживување за оној што овде првпат ги доловува нејзините силуети и сиот град, кој се протегнувал на близу четириесеттина километри.
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
Таа вечер, враќајќи се низ ходниците преполни со темнина од прегорените сијалици, потскокна кога од сенката пред нејзината врата се оддели машка силуета и направи чекор кон неа.
„На пат кон Дамаск“ од Елизабета Баковска (2006)
Силуетата води љубов со себе.
„Читај ми ги мислите“ од Ивана Иванова Канго (2012)
Дури се изненади и се зачуди кога ја забележа мирната силуета на стражарот кој шета со одмерени чекори пред зградата на Банк Отоман.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Некаде во темнините, ја насети атлетската силуета со биковска глава.
„Пловидба кон југ“ од Александар Прокопиев (1987)
Во ноќ каква што е оваа Во ноќ каква што е овдешнава Денешнава ноќ ви велам е посебна по сенката што зад себе ја остава простава моја силуета На мост што дава перспектива погрешна Мојата кауза денеска е света!
„Сите притоки се слеваат во моето корито“ од Марта Маркоска (2009)
Тивка мелодија во далечините на понорите, виножито помеѓу сонцето и дождот, скоро невидлива силуета на сликар во хоризонтот и бои црвени, бели, сини, боите на мојот сон.
„Жонглирање со животот во слободен пад“ од Сара Трајковска (2012)
Во утринската виделина се избиструва силуетата на стражарот кој мирно чекори пред банчината зграда.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Тогаш обично ги затворав очите, се преправав дека спијам и мижев сѐ додека навистина не заспијам или додека не исчезне силуетата на лошиот човек дојден по мене.
„Азбука и залутани записи“ од Иван Шопов (2010)
На него не се сети ниту берберот што му го симна скалпот, кога во огласник прочита дека колекционерка на уметнички дела сака да купи слика на која има насликано раззеленета врба, клупа во парк и маглива машка силуета.
„Азбука и залутани записи“ од Иван Шопов (2010)
– Тука Хорацио стана од клупата, се загледа кон ситната силуета на гусакот и почна: Ако имаш нешто неизречено, нешто што те притиска и пече, закопај го во длабока тишина, тишината сама ќе го рече...
„Човекот со четири часовници“ од Александар Прокопиев (2003)
Гледам силуета во огледалото. Танцува, во затемнетиот простор.
„Читај ми ги мислите“ од Ивана Иванова Канго (2012)
Повеќе