ситница (ж.)
Откритието ми наликуваше на оние ситни зраци што наеднаш се јавуваат покрај нас во собата користејќи некоја мала цепутка на завесата или на ролетните и тоа со единствена цел да нѐ упатат кон загубената ситница по која со часови трагаме; а замислете си само со колку слободно време располагав секое утро, во миговите на најголемата бистрина на умот, додека чекав во бурекџилницата (топлите симиди мораше да се чекаат ако навистина ги посакувавте топли) а Катерина, реков веќе, потскокнуваше од задоволство кога ќе утврдеше дека се онакви какви што ги посакуваше.
„Летот на Загорка Пеперутката“
од Србо Ивановски
(2005)
И најмала ситница може да те издаде.
„1984“
од Џорџ Орвел
(1998)
Беа неверојатно подвижни и смешно несмасни во својата големина, тие две раце, додека си имаа работа со онакви ситници.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Така таа низ маглата може да си го гледа сонцето, низ зимата да го доживува летото, низ ситници да согледува големи нешта, преку злото да го согледува доброто.
„Билјана“
од Глигор Поповски
(1972)
Крајно изреволтирана, спремна на кавга дури и за најмала ситница, влегувам во автобусот и замислете куриозитет - шоферот ја пуштил The Unforgiven од Metallica и тоа ја рокнал до даска.
„Вител во Витлеем“
од Марта Маркоска
(2010)
Секогаш кога ги метев скалите на Куртиш ага верував дека нешто ќе пронајдам, некоја ситница, нешто необично.
„Жената на белогардеецот“
од Србо Ивановски
(2001)
Подоцна, читајќи книги со шарени цртежи за прекуокеанските освојувања постепено почнав да сваќам дека најуспешен почетен чекор на освојувачите бил што ги збуниле домородците со необичните ситници (повторно, чудесното огледало).
„Младиот мајстор на играта“
од Александар Прокопиев
(1983)
Затоа ајде да не го следиме мнозинството на теоретичари и да не бидеме фобични на подробности и ситници: наместо тоа, да го свртиме нашето внимание кон еден посебен проблем: егзибиционизам.
„МАРГИНА бр. 4-5“
(1994)
Сега можеше и да се радува што ќе биде неколку недели надвор од оној до ситници раздробен и познат ден во селото, кога сеќаваш како секој поглед, секој збор, оди против тоа да те препознае и да те признае, те пренебрегнува, те премолчува, те принудува на една спарушеност, на една изветвеност од честите среќавања, од долгото гледање и од долгото познавање.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Треба да се сочека и
да се долови „мигот“
глетката, богот на светлината
драмата на преобразбата
душата на ситниците
магијата на битието...
Токму тогаш
кога ќе го дочекаш
него
кликни
- среќата
прости - уметноста
е
во повременото
нарушување на
несовршеното!
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)
Така се зароди во него мислата да дојде до макар каква ситница што ѝ припаѓа на Лила, до некое нејзино крпче или тетратка или молив со којшто пишувала нејзината рака.
„Послание“
од Блаже Конески
(2008)
Ако пак сте решиле, на пример, во Мичурин да купите леб, млеко, слатки или сладолед, или која било друга ситница, осудени сте да чекате на ред пред магазините и дуќаните.
„Патувања“
од Никола Кирков
(1982)
Вероника умее да пее за секоја најмала ситница, за секој најобичен детал од животот, дури и за оние најдосадни мигови во кои е вплеткана работејќи една чисто техничка работа.
„Зборот во тесен чевел“
од Вероника Костадинова
(2012)
Еден збор, еден поглед, најмала ситница можат понекогаш да предизвикаат бура во нашата душа!
„Бојана и прстенот“
од Иван Точко
(1959)
Најголемата жртва за нив ѝ се чинеше незначителна, ситница...
„Бојана и прстенот“
од Иван Точко
(1959)
За било што, за најмала ситница, подвикнуваше и се расправаше: гласот ѝ беше писклив, крикав како на птица грабливка.
„Животраг“
од Јован Стрезовски
(1995)
Зашто нема ни ситница што не би му користела а камо ли во случајот кога тој го бараше котелецот од којшто би почнал да го отплетува а потоа и плете чорапот со нова мерка и нов дизајн.
„Продавница за љубопитните“
од Мето Јовановски
(2003)
Сигурно не знаевме дека ќе нѐ носат во дом, под покрив, во кревет, дека ќе ни дадат топло кафе со џем и парче леб, дека тоа го прават за наше добро, за да нè згрижат и сите тие смрдливи работи што до ситница се предвидени со домскиот ред.
„Големата вода“
од Живко Чинго
(1984)
Зборуваше… Зборуваше…а во неговите зборови ниту траг од сочувство поткрепено од надеж… или барем некоја ситница што ќе потсети на оној низок лет на ластовицата над калдрмата по долгата суша, во оние пресудни мигови на очекување на дождот кој ќе ги подигне од загрејаната почва замелушавените мрзливи инсекти.
„Летот на Загорка Пеперутката“
од Србо Ивановски
(2005)
- Се извлеков! Но мораше да составам цела приказна и да ѝ ја прераскажам до ситница на мајка ми.
„Последната алка“
од Стојан Арсиќ
(2013)