сколовранец (м.)
Баба Ристосија остана сама во Горно Село. Од неколку стотини селани, остана сама за да ги варди душите на мртвите од сколовранците и гавраните начичкани по плотовите на селските гробишта, за да има од што да се плашат плашилата по бостаните, распарталени од ветриштата и дождовите.
„Захариј и други раскази“
од Михаил Ренџов
(2004)
А пилињата, да не знаеш што да им кажеш. Ќе ти дојдат на пенџере: врапчиња, сојки, сколовранци и ќе ти удираат со клунчињата на џамот. Ќе ти наѕираат во собата.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
Сколовранец меѓу врабец и гавран, се сети кога другаруваше со нејзиниот помлад брат Бане, сегашен секретар на големо претпријатие.
„Синовски татковци“
од Димитар Солев
(2006)
Црцрцрцр, се довикуваат птиците - косови, прлици, сколовранци, кукајци, пупунци и славеи. Кога ќе земе славејот да везе!
„Братот“
од Димитар Башевски
(2007)
За разлика од оние другите, од родот на грабливците, (орлите, соколите, сојките, ветрушките, бувовите, утките, чавките, страчките) па оние од родот на полските (еребиците, дивите кокошки, дропките, тресопатките, потполошките, белоперките, чурлините, чучурлигите, полските врпчиња, дивите гулаби) па оние од родот на шумските, (кукавиците, пупунците, чукајдрвците) па и оние, слаткопојните, (славеите, трнарчињата, сколовранците, гугутките, сипките и другите) кои ги има плипотници.
„Потковица на смртта и надежта“
од Миле Неделкоски
(1986)