скришум прил.

скришум (прил.)

Каде да ја најдат? Па таа цело време се крие по планињето и само ноќе поминува низ селата колку за да се најаде и да се стопли и наспие и тоа секогаш го прави скришум од народот.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
Па синот се решил за средината: скришум си земал од грнето на татка си додека тој најпосле не го сетил.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
И, најпосле, така подготвена, со својата бунда која одамна не ја беше облекла, уште од денот кога скришум ја носеше во малото сопче на киното во кое, еден период, беше продавачка на билети, во времето кога на семејството му се закануваше глад.
„Ервехе“ од Луан Старова (2006)
Сакам да си играм со нив и да се борам со нив и да ги плукам и да ги тегнам девојчињата за прцлињата и да се ракувам со учителот и скришум да си ги бришам рацете од капутите во гардеробата и сакам да пораснам и да патувам и да се ракувам со сите луѓе од сиот свет и да се оженам и да имам многу деца и да одам во библиотеки и да земам книги и — сето тоа би го правел”, рече момчето гледајќи во септемвриското утро.
„Лек против меланхолија“ од Реј Бредбери (1994)
Ќе појдам на нива и скришум ќе ставам едно снопче во седелјето од магарето. На самарот.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Ќе се фрлиш за прв пат главечки, ќе пливаш само за себе butterfly, ќе плуташ, ќе нуркаш оддалеченоста од брегот ќе ја одмеруваш по пробивот на сонцето, ако го има по работата на срцето по подноктиците перките и алгите по трагите од морските пци ќе ја унапредуваш техниката отскок на површината во последен миг неверна кон сѐ кон животот посебно: ќе палиш огин и ќе голташ жар и пепел во ждрелата на оние кои во тебе гледаат неидентифициран плод, увод во гревот зашто другите, одбраните, некаде далеку ѕемнат во истите ноќи, подоткриени јазикот го вадат од мрзеливи легални усни и скришум ги бришат своите благоглаголливи:
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)
Го разгледував скришум и размислував за промената кај него, пораснат ли е или ослабен?
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Братучедите внимателно слушаа и скришум се погледнуваа.
„Будалетинки“ од Мето Јовановски (1973)
Но освен малкуте тврдокорни партиски кадри, сите други, вклучувајќи ги тука и вишите и нижите службеници, скришум, да не видат другите, се снабдуваа со козјо млеко и млечни производи.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Тој тргна полека се тркалаше лазејќи од дрво до дрво, се задскриваше зад грмушките па некако стигна до селото за да влезе скришум во подрумот по компири.
„Ветришта“ од Радојка Трајанова (2008)
Така сега Крле прескочи уште првата година во II одделение и со својата бистрина и надареност просто го зачудуваше како даскалот така и сите ученици, а најмногу од сите се чудеше и со особено задоволство се насладуваше Нешка, која сега немаше потреба на часот скришум да го погледнува, ами на секој одмор сѐ го дочекуваше заедно да излезе со него и брата ѝ Стојана и тројцата да си ги повторат задачите или да си играат.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Гледам и другарите тоа го прават: жулат со челото на дланките пред себе и скришум ги бришат замаглените очи.
„Дружината Братско стебло“ од Јован Стрезовски (1967)
Криевте од мене, но јас, иако бев малечка, сфаќав дека нешто се случува: чудно ми беше сето она што го правевте; но како што растев, сѐ појасно ми стануваше тоа; не можеше да ми избледи и да ми исчезне она што ѝ го правеше на мајка ми: ја тераше да носи појас на мевот; ја тераше одвреме-навреме тој појас да го зголемува, да му приклава дипли со памук и крпи, да го заоблува мевот што поприродно да изгледа; ја предупредуваше да се пази од луѓето и од нас децата, но кутрата мајка не можеше да се допази, да се дочува: кога тоа го забележав една вечер, не ме фаќаше повеќе сон; се преправав дека спијам, а гледав како таа скришум го вадеше појасот и на месечевата светлина дошиваше уште дипли.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Тие кои скришум одеа в планина да собираат чај, си ги препознаваа овците и козите измешани заедно со албанските.
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
Со едното раскошно крило, распослано како ладило и влечејќи го по земја како тореадорска пелерина, прекрасната птица скришум ѝ пријде на кокошката, ја зграпчи со мудар стисок и за космички миг ја забоде на земја, нешто што кулминира до точка на вечно топорење и гордеење.
„Невестата на доселеникот“ од Стојан Христов (2010)
Ќе ги кротне Мартин воловите и, онака сам, ќе се заигра, а децата ќе го здогледаат и скришум ќе му го отераат едниот вол во орманот, и после кутриот Мартин по цели денови плачејќи го бараше.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
Но не го уби заради тоа што беше лошо, бесно, напротив кон него беше кротко, мирно и послушно, ами го отепа во еден момент на афект, кога тоа ја откопа главата од неговата жена која тој ја убил скришум и ја закопал во градината пред куќата.
„Животраг“ од Јован Стрезовски (1995)
Скришум, кога го полнеше чанчето со вода, за да му го подаде на првиот бригадирец под насипот, Мече налеа вода и во својата направа.
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
Мечката ќе се подисправа, ќе крева камења и ќе се подисправа, велеше, ќе сака да го удри, да го погоди со каменот, ама крмакот е само пред неа, зад неа, покрај неа, в жили, ќе фрли подалеку од него, и така, ќе се умори, или ќе се уплаши и пак ќе се качи на буката, велеше, и ловецот скришум тоа ќе го гледа и пак не ќе се јавува.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Оти се чу дека таму одел скришум да свири. 113
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Повеќе