смешно прил.
смешност ж.

смешно (прил.)

Никогаш не сме толку смешно големи Како во приказните за нашите победи.
„Посегање по чудесното“ од Србо Ивановски (2008)
Беа неверојатно подвижни и смешно несмасни во својата големина, тие две раце, додека си имаа работа со онакви ситници.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Посебно ми беше смешно кога татко ми го извади апаратот и во таквата како божем семејна атмосфера со полуавтоматскиот апарат облепен со селотејп на разлабавената поклопка за батерии, со тој апарат отчука две фотки.
„Знаеш ли да љубиш“ од Ивана Иванова Канго (2013)
Мене ми беше смешно тоа и еднаш капетан Мирковиќ ме фати на смеење.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
И не е чудно дека ракот наречен бирократија својот корен го влече одовде, заклучувам и ми станува смешно затоа што од логичното правам парадоксално: па сигурно дека коренот расте од земјата!
„Балканска книга на умрените“ од Мето Јовановски (1992)
Ми се отна смеа од градите. Ми стана смешно бидејќи си реков дека ќе мора да погледне зад штиците зашто мене таква ми е прикаската.
„Човекот во сина облека“ од Мето Јовановски (2011)
Ти иде за смеење, а тој те прашува што е смешно.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Андон беше висок, со долги раце до коленици, со нескладна конституција, најмногу заради вродената мана левото рамо видливо да му биде поткренато во споредба со десното, при што крупното тело, со нагласена комбинација на испупчени коски и разиграни мускули, смешно му беше свиткано на десно.
„Полицајка в кревет“ од Веле Смилевски (2012)
Може така ми се чинеше од соништата. Оти ги сонуваш и живите и мртвите. Смешно. И утрото не знаеш кој каде е.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Да јадеш крадени отпадоци од туѓи софри и да се гордееш со тоа: смешно и тажно.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
„Мораа да ме пуштат. И нив им беше смешно да ме сметаат за нишка од онаа илегална мрежа.“
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
Не знам што е смешно во моите одговори“, рече татко ти и тогаш дури за првпат ја крена високо главата а судијата, оној, господин Предановиќ, со големи бакембарди и црна измазнета коса, за која сите говореа дека ја светнува чистачот на чевли на Корзото, само се накашла и ништо не рече.
„Жената на белогардеецот“ од Србо Ивановски (2001)
Цената на сознанието беше губењето на рамнотежата, и во таа точка јас таа цена одбивав да ја платам; се грижев за рамнотежата, а не за неверството на сопругата, и тоа беше она што беше – смешно!
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Седеше склупчен на креветот со нозете поставени како Турчин, а Стомачето смешно му се заоблуваше.
„Знаеш ли да љубиш“ од Ивана Иванова Канго (2013)
Не му беше смешно што бившиот богослов се труди да оди по такт на неговите чекори.
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
Што ти е смешно, ми вели и се кикоти.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Смешно е што сме смешни, вели, смешно е што се смееме за ништо...
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Еден смешно долгнавест ковчест келнер му притрчува и Арсо се сместува на мала тркалезна маса.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Тогаш не можеше да се види, како што очите не можат самите себе да се видат, не можеше да ѝ се придаде никаков епитет, зашто истиот согоруваше в мигот на доживеаното. Смешно.
„Вител во Витлеем“ од Марта Маркоска (2010)
Види ги ти Французиве- си помислив и не знам зошто ми стана смешно па си го замислив големиот секогаш сериозен Бертран потполно гол како со своето огромно тело ја покрива Изабел која стенка под него...
„Животот од една слива“ од Зорица Ѓеорѓиевска (2014)
Повеќе