смислува несв.
смислување ср.

смислува (несв.)

И знаеше: алкохолот под неговото теме смислува чемер за секого што може нему да му биде чемер.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Мартин знаеше кој му го прави тоа и смислуваше од страшни пострашни планови да им одмазди, но и кон деда си не беше рамнодушен.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
По цел ден одеше од соба в соба, како ѕвер затворен в кафез и смислуваше начин како да ги собере маслинките.
„Билјана“ од Глигор Поповски (1972)
Смислував пеколни планови за својата иднина, утешувајќи се на тој начин.
„Јас - момчето молња“ од Јагода Михајловска Георгиева (1989)
Ќе се вратат од негде, а веќе смислуваат ново патување...
„Добри мои, добар ден“ од Глигор Поповски (1983)
Следи ја татковата мудрост! Ја следев со внимание, таа продолжуваше да ми ги кажува пораките, кои како да беа татковите: Ние сине опстанавме како семејство на кое не му се смислува историјата.
„Амбасади“ од Луан Старова (2009)
Се восхитувам од убавината што ја гледам и смислувајќи метафора не можам да најдам друг збор освен да речам дека е рајска.
„Балканска книга на умрените“ од Мето Јовановски (1992)
Така денес имаме состојба во која илјадници интелектуалци, креативни луѓе со високо развиена имагинација кои се најмени да смислуваат и измислуваат нешта за масовна употреба, да креираат потреби за нешта што вистински им се потребни на малкумина а по кои се лакомат особено оние на кои тие дури и не им требаат...“
„Продавница за љубопитните“ од Мето Јовановски (2003)
„Како напредува Алексеј?“, прашувам јас, најмногу за да ги одложам непријатните нешта или да го свртам разговорот кон помирни води; сѐ ми се чинеше дека татко ти е затечен, можеби и збунет од посетата но и од директниот настап на Иван Степанович па смислуваше некои објаснувања во врска со оној проклет Корпус, но не сака што се вели прекутрупа и необмислено да истапи.
„Жената на белогардеецот“ од Србо Ивановски (2001)
Приказни смислувам, митови, стории за да те кажам: те именувам, ти се обраќам и те сликам, те олицетворувам, те отелотворувам и, да признаам, сѐ што сум напишал досега до тебе обраќање е: веслање по вода, воздух, етер, земја учење на твојот јазик следење на твојот пат.
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)
18. ЈА ВРЗАВМЕ РАБОТАТА СО БУБАЌЕРЕН КОНЕЦ - дејгиди лесен товар со прспите носен, овдека ти се дава да смислуваш што не додека и бубаќот не го изусукаш сосем...
„Куршуми низ времето“ од Љупчо Стојменски (1976)
По цел ден одеше од соба в соба, како ѕвер затворен в кафез и смислуваше начин како да ги собере маслинките.
„Маслинови гранчиња“ од Глигор Поповски (1999)
Копнее ли сега таа по него и смислува ли начини како да се сретнат?
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Секој час двајцата смислуваа нови различии комбинации но секогаш планот одвај успеваше да се одлепи од почетокот.
„Будалетинки“ од Мето Јовановски (1973)
Таа намера го тераше да смислува најразлични начини како да ја оствари, но на сите патишта пак му се јавуваше потребата од посредник.
„Послание“ од Блаже Конески (2008)
Умрел ли туѓинецот во тој Онисифор Мечкојад, испарило ли од неговата крв сеништето со дамари на неспокојство и поттикнувач на бес и самоволност? Не, можеби тој нешто смислувал.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Сѐ смислуваа нешто да му напакостат.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
Смислуваше некаков компромис, за кој си признаваше дека ќе е малограѓански, со кој синот би ставил в џеб диплома од некој факултет, а сепак би си го задржал како хоби својот мерак по џезот.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Која родословна гранка сега ја смислуваш, на кој Лепи Лаза ликот му го дотеруваш, на кој внук на која внучка ѝ го исцртуваш гранчето и на гранчето пратчето и врз пратчето името и сѐ што ѝ прилега, како што треба да му прилега на длабокиот корен и на богатото стебло на твоето родословие?
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
Тоа Петре ги смислува, неговата душа не спие.
„Послание“ од Блаже Конески (2008)
Повеќе