сокак м.

сокак (м.)

Сведочењето во врска со ова зло, запишал монахот, кое долго трае и непречено поминува низ тесните сокаци на времето, има за цел не само да го загатне туку и да ни го предочи приближувањето на злото што многу потсетува на темен облак кој може да биде и предвесник на бура што може неочекувано насекаде да се случи.
„Желките од рајската градина“ од Србо Ивановски (2010)
Од големиот стог се стркала сонцето на пат и уплашено од кучињата се разбега низ тесните сокаци криејќи се зад малите прозорци на куќите Триејќи ги очите селаните ги врзуваат немирните кучиња за плот И свирејќи, со косите на рамо се разлеваат со сонцето по ливадите.
„Дождови“ од Матеја Матевски (1956)
Ќе ме боли срцето ако тој збор пречесто излегува од твоите усни, ако како флаер го делиш по сокаците, сквернавејќи го неговото вистинско значење.
„Последната алка“ од Стојан Арсиќ (2013)
По сокаците чекорат кондури с клинци ковани, штамата сечат с ножови и пијат вино румено.
„Бели мугри“ од Кочо Рацин (1939)
Штом се вратив од чаршија ја фатив мрзата за шија цел ден по сокак дрдорела сармата скроз ја загорела Куќата цела ко кочина не можев да отпочинам филџани стојат на масата а мрзата мрсна небањата Нервозно кренав паника и сукало дебело заигра комшилук сеир гледаше назад кај татко бегаше
„Проклетници“ од Горан Јанкуловски (2012)
Тоа беше безизлен сокак на безизлезни граѓани.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
„Во прво време ќе го чистиш дуќанот, во летните денови ќе го прскаш сокакот пред дуќанот и ќе го метеш, ќе носиш вода од блиската Капан-чешма, ќе носиш разни работи дома, за ручек ќе донесуваш јадење од дома.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Она пладне, кога војната беше оттатнета, а нејзините сенки сѐ уште стоеја во изгорените куќи на нивното село, и во разурнатите мостови, и во разодградените плотишта, а по селските сокаци се тркалаа празните картонски кутии од УНРРА, и селаните се облекуваа во половните американски карирани виндјакни со неминовната црвена шарка, и кога двете селски бакалници беа прекрстени во Кооперативни сектори, а секој нивни ден се завршуваше со по една фронтовска конференција, на која тие по двајца-тројца продолжуваа да се запишуваат во Задругата; она попладне, во кое исто така мнозина, продолжувајќи да немаат доверба, а и Змејко беше меѓу нив, обично молчеа, за сето време, сите тие денови, и додека се меткаа по цел ден по средселото, а и вечерта на конференциите, а дури после си се разотидуваа кон дома; она попладне, кога ќе им станеше чудно ако речеше некој дека оваа вечер нема да има конференција, толку чудно и толку пусто, што дури и самите би ја закажале неа, она додека исчекува задружниот курир - поранешениот пандур, - пак да притропа со барабанчето по сите мегдање од селото и се чудеа што уште го нема; во таа тишина, во која стоеја зачмаени на средсело сите мажи, а меѓу нив само ретко ќе пробечеше некој глас, кој можеше да бара или огон, или тутун, кој ниеднаш не кажуваше ништо повеќе: тоа пладне, во кое подоцна се насобираа сите крај една лимузина и еден џип што пристигааа од градот, носејќи уште една од сите оние делегации, што доаѓаа на конференциите и постојано им го зборуваа сѐ тоа пак тоа, сега од колите излегуваа луѓето и се поздравуваа со селаните со онаа неприфатена, одгатната фронтовска желба за приближување и Змејко уште на прв поглед го препозна онојго.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Овие сокаци на пладне се тивки и мирни, па се чини, да не била некаква фатаморгана, она што можеше да се види и почувствува изутрината.
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
Еден сокак од Стамбол, а се ширеше толку многу раздор и нетрпеливост.
„Двоглед“ од Горан Јанкуловски (2011)
Штом на кметот му ја протнал бомбата в куќи, се сокрил во некоја визба, се изнапил вино и викал слободно и јавно по сокаци: „Кметот свадба прави!
„Дружината Братско стебло“ од Јован Стрезовски (1967)
А тие, никако да се измолкнат од поплаките и пискотниците. Некакви сенки им шетале по сокаците и по дворовите.
„Желките од рајската градина“ од Србо Ивановски (2010)
Кога тие ќе крадеа овошје по градините или зеленчук по бавчите, на него белјата ја фрлаа; и кога ќе врзеа куче и мачка за опашка или кога ќе им врзеа конзерви да тропаат по нив и панично мјаукаа и лаеа низ селото, на него белјата ја фрлаа; кога на селскиот добиток ќе му ставеа коњски муви и стршлени под опашката и тие јуреа и рикаа како бесни низ полето или сокаците, белјата на него ја фрлаа.
„Животраг“ од Јован Стрезовски (1995)
А јас дојдов да ти се оддолжам, не си ми ги оставила децата на сокак“, без благодарност во очите рече тој.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Секнуваа турските песни по сокаците.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Сѐ си е на мегдан! На тие што ве влечат по градот, по темните сокаци, само надвор им е важно дали ти е кус фустанот.
„И ѓаволот чита пРада“ од Рада Петрушева (2013)
Познато е дека Истанбул е милионски град, со вонредно живописна панорама, со море кое завлегло во неговите пазуви, што широки и тесни улички и сокаци со мермерни куќи и облакодери и со дрвени куќарки, град кој лежи на два континента, каде што најрелјефно се оцртале европското и ориентот, град со џамии и цркви и еврејски синагоги, сараите на турските падишаси и султани, со споменици на едно блескаво богатство, на еден раскош и пропаѓање на една петвековна империја, која ја докрајчил стариот и изнемоштен старец - султанот Решад...
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
Надвор ги чекаа два пајтони за да ги однесат кај газда Ѓорги кој живееше од другата страна на Широк сокак, близу саат кулата.
„Белиот јоргован“ од Хајди Елзесер (2012)
Со изградувањето на куќата, се стесни патот и низ него не можеше да се помине со кола; луѓето ги запираа колите пред неговата куќа и оттука понатаму товарот мораа да го префрлуваат на добици или на раце; тоа им дојде до нос на луѓето и бараа сокакот да го рашират, односно Бандо да си ја потсобере куќата, да ја зделне до некаде.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
На скелињата почнаа весело да се довикнуваат, кога ја видоа колата, што се подаде оздола по сокакот.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Повеќе