сончевина (ж.)
Од таа скаменетост го освести црвенокосата, богата сончевина, што се плисна како некој плавен бран во неговиот прозорец, ослепувајќи го и во исто време носејќи му ја назад способноста да се исправи.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Облечена во древната облека на утрото од рујни зрна сончевина Нанижани на танките и нечујни нишки на тихиот здив на птиците овде сѐ уште самува сенката на нејзиниот глас.
„Посегање по чудесното“
од Србо Ивановски
(2008)
И замолкнаа старецот и детето, се преселија за малку во мислите во тој иден, убав летен ден, кога планината ќе биде најубава, кога ќе биде украсена со сите бои на ѕуницата, озвучена од грлата на сите птици и позлатена со сончевина.
„Бојан“
од Глигор Поповски
(1973)
Треперат зелени иглички борови... а низ нив сјае сончевината и некаков повев распеан...
„Молика пелистерска“
од Бистрица Миркуловска
(2014)
Тоа беше пат кој сам од себе се роди од хаосот: Огледало, отворено пред неговите очи, кое јасно го покажуваше вртежот на компасот во сите можни правци, пулсирајќи во ритамот на сончевината.
„Мудрецот“
од Радојка Трајанова
(2008)
Во ова невреме ноќва, зората испраќа порака, скржавец чекори во денот, мислата умира Тони нагонот во бездна, ѕвездите солзи ронат Во сончевината на утрото, бакнежи од зракот на сонцето Солзата се капе во сопственото езеро Во ритмот на срцето, немирот болка ткае
„Поетски блесок“
од Олга Наумовска
(2013)
Мижуркам: низ трепките сончевината се распаѓа во многу дробни ѕуници.
„Клучарчиња“
од Бистрица Миркуловска
(1992)
Само во висината, во сончевината две бели птици се капат.
„Слеј се со тишината“
од Ацо Шопов
(1955)
Споменот ја има способноста дури и на најсветлата улица, измиена до коска од бистрата сончевина, да му понуди на споменот дамнешни простории и во нив мали осветлени витрини по кои погледот шета и ги пребира необичните скапоцени предмети.
„Желките од рајската градина“
од Србо Ивановски
(2010)
Додека тие така го откриваа какаото, планината пред нив веќе беше преплавена со предесенска сончевина во чиј сјај лисјата поцрвенуваа.
„Будалетинки“
од Мето Јовановски
(1973)
Беше една чудна миризба на сончевина и на тих домашен говор, сакаше долго да ја има на лицето.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Кога се умори од тоа лудување, се смири на грб замижан од сончевината, од која не го гледаше небото, а потоа, за да не потоне во тоа блаженство, заплива кон длабочината на езерото, сечејќи ги неговите благи бранови.
„Синовски татковци“
од Димитар Солев
(2006)
Денот сосема е отворен и полеан со студена сончевина.
„Исчезнување“
од Ташко Георгиевски
(1998)
И пак: Во Жешов раскошно расцутеа дрвјата, а ветрецот расејува снег од латици низ просторот, поигрувајќи си со нив, а потоа оставајќи ги да паѓаат по крововите, по жирадоата, елегантните женски шапки на минувачите, по јармулките и црните рабински капи со широка периферија, на рамениците од старците што на пријатната пролетна сончевина забораваат на својата возраст и живо дискутираат на својата пролетна променада, во очите на госпоѓиците, и во нејзината душа која е смирена и иполнета кога е во тој питом предел за кој не може да престане да го мечтае и сонува...
„Светилка за Ханука“
од Томислав Османли
(2008)
9 Мотив: црквата и гробиштата: Оддалеку најпрвин се забележуваат крошните на столетните дрвја припиени една во друга, грабејќи го лакомо просторот полн сончевина и отворен кон езерото до кај што окото гледа; црковната ограда е ниска и тие ја наткрилуваат, се префрлуваат преку неа со своите крошни, ги пробесуваат и ги спуштаат како зелени водопади; кога ветерот ќе го разниша зеленилото, се покажува камбанаријата и црквата издупчени од гранати; при секое удирање на камбаната, малтерот се лупи и паѓа како кожа од рани; на влезот од црквата сѐ уште стои на ѕидот св. Ѓорѓија качен на коњ и со копјето ја држи змијата прикована за земјата; наместа малтерот е паднат, та змијата е излупена во опашката, но јазикот ѝ е црвен, свеж и заканувачки издаден; гробиштата околу црквата се расфрлани без ред.
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)
Кога излезе на балкон, Маре пак замижа - сега од сончевината а не од темнината.
„Синовски татковци“
од Димитар Солев
(2006)
Со себе ја носиме топлата сончевина и синилото на небото, зеленилото на шумите и одзвукот на ѕвонливиот ветер, мирисот на пчелинокот и чембрицата, опојниот вкус на зрелите шумски јаготки и желбата што тука, под ведро небо и под сенката на бадемите не успеав да отспијам и да отсонам дел од детските спомени и најскришните копнежи и таги.
„На пат со времето“
од Петре Наковски
(2010)
Од црквата се источува нова река луѓе, дотерани, расположени, излезени по молитвата да прошетаат на пријатната пролетна сончевина.
„Светилка за Ханука“
од Томислав Османли
(2008)
Почиваа на црвеникавата сончевина, си ги оптегнуваа своите раце за да си ги одморат.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
А пладнето блескотеше, топејќи ја својата сончевина по испразнетите улици.
„МАРГИНА бр. 34“
(1996)