споменик м.

споменик (м.)

На сликата на белиот мермерен споменик, иако многу одамна не беше ја видела, ја препознала својата другарка и не можела да не се расплаче силно.
„Друга мајка“ од Драгица Најческа (1979)
Кога се сврте зад себе го најде она свое јаренце исправено на високите, тенки ножиња, скаменето, како споменик на убавината и на невиноста на дивиот свет, несфатливо далечно од него и залушано кон таа ведра ноќ, целото потонато во одбирањето на сите нејзини шумови, настрхнато на нејзината белина, а во неговата стојка како да беше собрана и сета белина и сиот раскош и му ги носеше и во таа малечка собичка, во тој малечок заграб од белото пространство на дивината.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Цајканите се качуваат низ вашиот споменик а вие тука филозофирате.
„МАРГИНА бр. 26-28“ (1996)
Се скаменив од црниот ѓердан на зборови од мермерниот споменик...
„Поетски блесок“ од Олга Наумовска (2013)
А оваа тврдина беше токму таков споменик на паднатите империи...
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Додека Вера, одново ја прелистуваше книгата раскази на еден голем европски автор (за кого сите теоретичари и литературни критичари сметаат дека е вистински гениј), трудејќи се да си ги долови сите пропусти направени при првото читање, да ги одгатне сите потенцијални значења и нормално да се коригира во проценката што ја имаше за него, нервозно си ја корнеше горната усна и незадоволно мрмореше како може токму него да го сметаат за гениј, а историјата на книжевноста да му изгради споменик за вечни времиња.
„Вител во Витлеем“ од Марта Маркоска (2010)
Во Париз претставува своевидно доживување да се посетат неговите цркви, кои се стари стотици години и затоа секоја од нив е споменик, колку значаен за историјата толку и за уметноста, зашто навистина секоја од нив има своевидни знаменитости.
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
Тој е закопан во своето село, има споменик а на споменикот црвена ѕвезда.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Проектили врз колонада на воен споменик.
„Простори на моќта“ од Зоран Попоски (2009)
Можеби дури ќе успеете и да го заборавите додека се шеткате меѓу несмасните надгробни споменици од осумнаесеттиот век, понекогаш налик на вазни, што можат да се добијат на некоја уметничка лотарија, но почесто личејќи на облаци вкаменета пена од прашок за перење; потоа меѓу надгробните споменици од деветнаесеттиот век, интересни поради мешањето на рускиот класицизам и уште по нешто руско, се чини, духот на апсолутизмот и, најпосле, помеѓу надгробните плочи од последниве децении, неромантични, каков што е обичниот алат.
„МАРГИНА бр. 4-5“ (1994)
Сега нема ни трага од споменикот.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Ѝ го подигна највисокиот споменик во црн мермер, а покрај нејзината си ја залепи и својата фотографија, со годината на раѓање и цртичка за годината кога ќе ѝ се придружи на сестричката.
„И ѓаволот чита пРада“ од Рада Петрушева (2013)
Пред мене, кај шолјичката со црн талог и со отпушоци слични на мали надгробни споменици во котлина од која нема излез, лежи хартија на која сум запишал меѓу другото: Темната возбуда, носи неспокој, нѐ фрла во тивок очај или некорисен гнев ...
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Божем мора да се познава дека споменикот се однесува на загината жена.
„Азбука и залутани записи“ од Иван Шопов (2010)
И околу урнатите споменици на Сталин се бркаме и го исправаме минатото.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Близу до кулата е споменикот на чешкиот реформатор Јан Хус, кој поради своите револуционерни идеи е спален од клерот во 1615 година.
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
Дури и во оние часови кога наполно згаснува петербуршкото сиво небо и целото чиновничко племе се најало и завршило со ручекот, кој како можел, во сообразност со платата што ја добива и со сопствената желба,  кога сите веќе се одмориле од канцелариското чкрипење, трчање, од својата и туѓата работа и од сѐ она што доброволно, дури и повеќе отколку што е потребно, си го поставува никогаш несмирливиот човек – кога чиновниците брзаат да се препуштат на уживање во преостанатото време: кој, од поиницијативните, брза в театар, кој в град, да го потроши времето за да се изнагледа секакви шапчиња; кој на вечеринка – да го потроши на комплименти на некоја згодна девојка, ѕвезда на неголемиот чиновнички круг; кој, и тоа се случува најчесто, оди едноставно кај сличен на себе на четвртиот или на третиот кат, во две помали соби со претсобје или кујна и со некакви модерни претензии, ламба или некој друг предмет, што чинел големи жртви, лишување од ручеци, од излегувања, – со еден збор, дури и во тоа време, кога сите чиновници се губат по малите станови на своите пријатели за да поиграат бурен вист, сркајќи чај со евтини кекси, повлекувајќи чад од долгите чибуци, раскажувајќи за време на поделбата на картите, некаква интрига што стигнала од високото општество, од коешто никогаш и во никаква состојба рускиот човек не може да се откаже, или, дури кога нема за што да се зборува, прераскажувајќи ја вечната анегдота за командантот, кому дошле да му кажат дека му е потсечена опашката на коњот од споменикот на Фалконе, – со еден збор, дури и тогаш кога сите се трудат да се забавуваат, – Акакиј Акакиевич не ѝ се предаваше на никаква забава.
„Црни овци“ од Катица Ќулавкова (2012)
Познато е дека Истанбул е милионски град, со вонредно живописна панорама, со море кое завлегло во неговите пазуви, што широки и тесни улички и сокаци со мермерни куќи и облакодери и со дрвени куќарки, град кој лежи на два континента, каде што најрелјефно се оцртале европското и ориентот, град со џамии и цркви и еврејски синагоги, сараите на турските падишаси и султани, со споменици на едно блескаво богатство, на еден раскош и пропаѓање на една петвековна империја, која ја докрајчил стариот и изнемоштен старец - султанот Решад...
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
Иако не умее да ги прочита, Константин знае што тие означуваат: тоа се еврејски записи на имињата и презимињата, епитетите, датумите на раѓањата и на смртта и епитафските пораки на надгробните споменици од луѓе закопани, некои и претворени во прав и пепел, на штипските еврејски гробишта, од тој бизарен мермерен мајдан на завршени човечки судбини, од тој неколку стотици години стар скаменет дел од штипското градско сеќавање од каде се земени старите надгробни плочи на вознемирените покојници и се вградени во основата на базенот од Кежовица, бањата со лековити термални води.  Тие води не му помагаат на Константин.
„Светилка за Ханука“ од Томислав Османли (2008)
Се борел, па и јас се борам, ама од тоа не правам споменик...
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
Повеќе