спојува несв.
спојување ср.

спојува (несв.)

Размислував за нив гледајќи ги седнати на асталот еден покрај друг и се прашував што ли ги спојува овие две суштества толку различни едно од друго.
„Животот од една слива“ од Зорица Ѓеорѓиевска (2014)
Во третата фотографија млада жена го препознавам ликот на една моја поранешна девојка, со која ме спојуваа екстатични мигови на телесна страст, а ме оддалечуваа баналните љубоморни потпрашувања.
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
И видов: на средето од собата, Мозаичник некој незнаен и дамнешен, мозаик преубав сочинил од камченца ситни колку прашинки: мрежа дванаесетаголна, со конци совршени, и во средето на мрежата ново среде, второ среде: пајак црн, сонце на вселена мала и уредена, сподобие раскошно, моќно, најсилно на светот, совршено оти од утробата своја плука и раѓа совршеност; и видов; на средето од пајакот, трето среде што беше, нацртан бел крст, и точно местото каде се спојуваа краците на крстот – средето на светот, точката по која копнеел големиот Архимед, најврвната тајна на сите светови!
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Таа гордост имаше непосреден контакт или произлегуваше од она што беше нејзин лесно видлив белег како жена која нежноста и убавината ги спојуваше со пословичните карактеристики на спротивниот пол, покажувајќи ја, во вистинските моменти, силата својствена за мажите.
„Полицајка в кревет“ од Веле Смилевски (2012)
Занесена во средувањето на расфрланите мисли, не забележа како една црна сенка се спојува со нејзината. Ѝ се причини како две канџи се подготвуваа да се заринкаат во нејзиниот врат.
„Последната алка“ од Стојан Арсиќ (2013)
Можеш ли да му ја поматиш верноста кон земното, додавајќи знак по знак откривајќи ги срамните делови на твојот систем загадочниот метод небесниот свод- дом за да може да оди по истиот пат и да стига до истата цел човекот, оној кој над црната точка стрепи по сличното, од различното стрепи спојува еден со друг: еден и еден, два со два, седумдесетидва името го дели на четири елементи – I.H.V.H. тетраграматонот го врти, го враќа ред по ред реди вистината на скрбта ја учи завист и суета, суета и завист сѐ е бесценет камен, а број свет и сила равенката меѓу нив се припикнува како вода меѓу шуплинките во карпата како зрак во мрачна капела бели точки на црна површина поделена на две: еднооко човече дворог Пан троока нимфа четириаголен круг пирамидална петка црно на црно расфрлан, разигран Ум на Светлоста Умна светлост.
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)
Трансверзалата се спојува само во критичните точки, каде што се испреплетуваат сонот и јавето.
„Читај ми ги мислите“ од Ивана Иванова Канго (2012)
Го шмукав јазичето со мирис на ркулец заглезден во влажна почва и со киселкаст вкус на штотуку зазреана мушмула, чувствувајќи ги на образите усните со кои на горниот и долниот дел во една колку вистинска толку замислена точка, се спојуваа нозете на Ема, и тогаш ми се чинеше дека тие усни, кои никогаш не кажале ништо, ниту ќе кажат некогаш нешто, а толку многу знаат да кажат, и толку многу сакаш да ги чуеш барем еднаш да проговорат, без оглед дали ќе те фалат или ќе те кудат, ме подземаа со слузта што благо ме облеваше внесувајќи ме навнатре со сѐ позабележливото поткревање на телото што лежеше под мене, со можеби инстинктивното поткревање нагоре, и повторното спуштање, во ритам што беше дел од нашата игра, од нашиот живот.
„Полицајка в кревет“ од Веле Смилевски (2012)
Оти дождот само се привсилува, капка со капка се втасува и се спојува.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Постоеше нишка која нѐ спојуваше и така одржуваше една душа низ времето.
„Сестрата на Сигмунд Фројд“ од Гоце Смилевски (2010)
Кога ќе забележеше дека не можам да го следам во она што ми го кажуваше, правеше еден гест кој ни беше како поздрав, а и како знак да ја смениме темата за која разговаравме: со врвот на показалцот ми го допираше челото, па врвот на носот, па усните, и започнувавме да зборуваме за нашите мечтаења – посакувавме да заминеме за Венеција, само тој и јас, Венеција, која во копнежот по нашето заедничко постоење во тој град трепереше онака како што замислувавме дека трепери Месечината во водата на венециските канали, Венеција, со архитектура налик на тантела, која видена во книгите за тој град, пред нас во нашите замисли постоеше пореално и посилно отколку пред очите на многумина од оние кои биле таму, Венеција, секогаш кога ќе ја споменевме, како во некоја игра си ги приближував поддланките, спојувајќи ги местата на пулсирачките жили од двете раце, ги извивав малку прстите, правејќи така гондола, и запловував со гондолата- раце по воздухот.
„Сестрата на Сигмунд Фројд“ од Гоце Смилевски (2010)
Ти додаваш - само една жила со мојата утроба некого спојува.
„Вардар“ од Анте Поповски (1958)
Звукот, кој наликуваше на болно откорнување на некое тело во совршена симбиоза сраснато со некое друго, го уверуваше дека зад овој предел, макар да е само овде, се крие божјиот допир кој спојува и разединува, кој создава и уништува.
„Вител во Витлеем“ од Марта Маркоска (2010)
Откако слушна: “Сепак, денот се познава по утрото”, Ема одмавна, по навика со левата рака, а со десната ја крена чашката со ликер и ги облеа усните со неколку капки кои се развлекоа по тенката линија кармин што ги спојуваше.
„Полицајка в кревет“ од Веле Смилевски (2012)
Ја спојуваа забраната за убивање жени (иако ги убивале и ги продавале на макрои) со безочните ритуални верски молитви на својата божица, за добар ајдучки лов во злато и рупии.
„МАРГИНА бр. 36“ (1997)
Веќе во прологот, Тесауро изјавува дека надарениот со остроумност се разликува од плебеецот; таквиот најнапред раздвојува а потоа спојува.
„МАРГИНА бр. 22“ (1995)
Нивната цел беше да применат малку обратен инженеринг, односно да се обидат да ја разберат структурата на границата и како таа функционира, „согледувајќи ги чудните привлечности кои ги спојуваат заедно луѓето од двете страни на границата и во исто време ги држат одвоени.“
„Простори на моќта“ од Зоран Попоски (2009)
Додека сојот од татко му и сојот од мајка му се спојуваа во еден меѓусој, што беше тој и ништо повеќе и ништо особено.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Брадата го открива карактерот кај човекот: оној што ја пушта брадата да му расте слободно, природно, диво, без да ја дотерува и обликува - има нешто уметничко во себе, повеќе го обликува духот отколку брадата; оној, пак, што ја потскаструва брадата, што ја дотерува, негува и обликува - ја искажува својата префинетост, нежност, желба за блискост и допадливост; оној што ѝ дава форма на брадата во вид на трака што му врви преку вилицата и се спојува со зулуфите - сака да е упадлив, да обрне внимание на себе; оној што ја бричи брадата само на врвот од вилицата оставајќи ја гола како јајце и надевајќи ѝ на брадата од образите да се спои, прекинувајќи ја како прекинат мост - тој ја искажува својата затвореност, потиштеност, нерешителност, колебливост; оној што ја пушта брадата да му расте само на врвот од вилицата спојувајќи ја со мустаќите, ја изразува својата ученост и љубопитност кон сѐ, полн е со енергија и сигурност во себе; оној што ја остава брадата да му расте во вид на шилец или ластовичино крилце спуштајќи ја накај гушата - пргав е и склон кон брзање: брза и во мислите и во постапките; оној што носи порабена „шпанска брада“, полн е со искушенија и желби за доживувања, за авантури, за весел и безгрижен живот.
„Животраг“ од Јован Стрезовски (1995)
Потоа, во истата врева, само малку постивната и навидум организирана, рибите се пржат во кујната на ресторанот преку врски, а ручекот се спојува со вечерата, без вообичаена прошетка по брегот на езерото.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Повеќе