срп (м.)

Продолжи првин со одење, во кое имаше и демнеење на мигот, во кој таа и би се вратила, а кога човекот немаше со што да фрли, таа зеде пак да се шиба огромна и блиска, каква што беше, за да можеш да ги здогледаш и црните српови од ноктите на нејзините шепи, за да можеше да го видиш секое превиткување на тупата болка во нејзините скокови, за да можеш да ги видиш и нејзините крвави непца, за сето време испуштајќи некакво подмолно завивање, полно со една ужасна, здржана, придушена бол, а Змејко, кој уште на првиот нејзин чекор знаеше дека ќе мора да отстапи, сега, кога она завивање нараснуваше во некакво ужасно стенкање кај она ѕвере, готово да расчешне сѐ, што ќе му се најде на патот, го сети дивиот ветер како го подига угоре и како го урива во провалијата под неговите петици и расплакан и сосема совладан тој отстапи.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Таму се слушаше само брмчењето на мувите и шушкањето на срповите што внимателно ги сечеа стеблата на житото.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
Од рацете уморни одлета жолтиот срп и потпран на ридот се загледа в тихиот крај...
„Дождови“ од Матеја Матевски (1956)
Го здогледав уште она пламенче во тавчето со балкански гасови, го здогледав и видов како скочи и изгасна од догореност и во истиот момент српот и чеканот изгледа се вкрстија да го симболизираат чинот.
„Балканска книга на умрените“ од Мето Јовановски (1992)
Тој го стави српот на рамо, ги потпре тупаниците на колковите и се подисправи за да ја надвие болештината на крстот.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
Во својата душа дедо Димо искрено ја држеше страната на Дуковци, цврсто се радуваше на нивната тврдоглавост, па кога утрово ги виде како жнеат, она негово „Да ви се позлати српот“ беше најубава желба што еден селанец може да му ја упати на друг.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Српот насмевнато се помрдна од ридот Штом зората во класјето зашуми со чекорот нејзин се спушти во тврдите дланки на жнеачот со нивниот ритам да пее по златните жици на нивата.
„Дождови“ од Матеја Матевски (1956)
Браќа му, снаите и жена му беа готови да ги остават срповите.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
Решија чуновите да ги прилагодат на новото време. Дури и ги обоија црвено, а на клунот им цртаа петокраки со срп и чекан.
„Патот на јагулите“ од Луан Старова (2000)
Не толку од срце, но надежта дека ќе се починува, жетварите пак зашумеа со срповите, а Танасица го фрли буклето на рамо и се упати по ридот попреку.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
Трите неподвижни сенки немо чекаа. Над оџакот на соседната стреа се мачеше ноќниот срп; не можеше да се отплетка од густите облици.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Нашата молитва треба секаде и секогаш да ни стои на устата, вели, и пред да го земеме в раце српот и пред да ја земеме в раце мотиката, плугот или секирата, вели, и пред да ручаме, и пред да вечераме, вели, и пред да си легнеме, и откако ќе се разбудиме.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
На смртен тој никако веќе не личеше среде оние борбени часој. Под сабјата негова паѓаше Албанец беден - како под српови класој.
„Сердарот“ од Григор Прличев (1860)
Беше темна ноќ околу нас, на небото имаше сосема млада месечина, тенка како срп, што не може ништо да осветли, бевме сами во таа ноќ и среде тој страв што мене ми изгледаше голем и црн како некакво страшно и опасно, непознато диво животно од приказните.
„Игбал, мојата тајна“ од Јагода Михајловска Георгиева (2000)
Мене немаше кој да ми каже, барем јас имам кому да кажам: и кога се роди Горица, јас папокот ѝ го пресеков со срп, оти беше женско. На машките им се сече со секира.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Едно време се исправам, го клавам српот на рамо и се свртувам кон Јона.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Патема собраа со себе што најдоа: луѓе, стока, и за инает ги запалија сите посеви кои веќе чекаа срп и им нанесоа големи штети на селаните. – Море кој ги гледа штетите кога останаа главите – се тешеа селаните и еден по еден се прибираа по селата за да почнат нов живот.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Се печеа на сонцето во жешко време, се пикаа еден во друг кога ќе застудеше навечер, се покриваа со ќебиња и мутафи кога ќе заврнеше дожд и стануваа жива вода; кога ќе заплускаа громови крај нив, се крстеа и го молеа бога да ги одминат; дење ловеа риби, ги следеа со очи облаците кои се згуснуваа и разретчуваа, го гледаа нивното престорување во некакви чудовишта и нагаѓаа ќе има ли дожд или не; го гледаа сонцето кое час се заплеткуваше во облаците, час подизлегуваше за да светне и да покаже дека е тука; ноќе пред за заспијат гледаа во ѕвездите, кои како што одминуваше ноќта, сѐ повеќе се намножуваа и стануваа поголеми и како да се спуштаа надолу; ја гледаа месечината која секоја ноќ се тенчеше и го изоструваше својот светол срп триејќи се од облаците; го слушаа секој шум на водата што во ноќната тишина јасно се разносуваше час потивок, чад посилен и по него дознаваа дали езерото ќе се вознемири или не.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
Се случи пред жителите да ги наточат срповите...“
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Непосредно пред жетвата, ден, два, пред првиот срп, главите на домаќинствата им заповедаа на мажите што во домаќинствата по ранг стоеја веднаш до нив, тоа беа обично помладите браќа, или најстарите синови, да ожнеат неколку снопови ’рж за правење јажици.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Повеќе