стадо ср.

стадо (ср.)

Тоа е гајба со забранети јаболки; ливада за пасење стадо мисли; речник што не го содржи зборот „диета“.
„Азбука и залутани записи“ од Иван Шопов (2010)
Кога стадото замечтано од ливадата зачудено ќе ме погледне а малото овчарче ми мавне со раката Таго на детството напуштено Тоа ти ме викаш назад во своите сонливи длабочини.
„Дождови“ од Матеја Матевски (1956)
Овчарот го скротна своето стадо кон сенките губејќи се заедно со стивнувањето на распеаните ѕвонци од овците.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
Стана плен на лакомост и гордост на твојата икона, лажниот светец суетата вешто го зароби духот исто како непрогледан слепец Стадото на лукавиот сѐ повеќе расте и неговиот пат е простран и широк а животот страстен кога ќе спласне ќе тонеш во мракот духовно сирот
„Проклетници“ од Горан Јанкуловски (2012)
Неа ја знаат овчарите и по неа ги скориваат своите стада; неа ја знаат орачите и по неа ги спрегнуваат своите ѕевгари; неа ја знаат жетварите и по неа ставаат да ги зафатат долгите опашки на ушите подолгите слогови.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Ќе се скине ко стадо овци и пак ќе се спои.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Долу во реката се чуја звуците и на некое друго стадо.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
Се надлетуваме со орелот И му велам, И си велам: Крвта на твоите нокти Е одглас на стадо јагниња Што се белее во ноќта И се вселува под кожата на векот.
„Век за самување“ од Веле Смилевски (2012)
Цели стада овци ќе исчезнале по скришните улици на темнините.
„Желките од рајската градина“ од Србо Ивановски (2010)
Удри Господе, удри силно удри во ова проклето време удри по ѕверот и изродот гнасен и спаси го стадото од сатанско племе
„Проклетници“ од Горан Јанкуловски (2012)
Ноќва е ваза длабока без сон каде ’рти цвеќето на немирот И јас немам раце да ја скршам на белото кладенче на денот Немам очи да ја ослепам со жолтите плодој на чекањето Имам само една добра песна што го кроти просторот непроспиен Песна добра како кроток кавал што го чува стадото на надите
„Дождови“ од Матеја Матевски (1956)
Тој имаше цело стадо одбрани сански кози и неколку космати прчови, кај кои секоја есен масовно се носеа козите на оплодување, а некогаш и предвреме поради нестрпливоста на козите.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Во далечината заоѓаше црвеното око на сонцето, а облаците се распрснуваа на сите страни како изгубени стада.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Со стадото руди овци по перунските рудини, како свири со својот кавал во утринската мугра, а двата големи овчарски пци мирно ги вртат опашките крај него, секогаш готови да скокнат и да му го скинат гркланот и на најголемиот волк.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Очите твои се гулабови под твојот превез; косата ти е стадо кози, кога слегуваат од Галафската гора; забите твои – како стадо истрижени овци, кога излегуваат од капење, од кои секоја има по две јагниња и јалова нема ниедна; усните твои – како алова панделка, а устата твоја слаткоречива, со јаготки на лицето како половинки од калинка; вратот ти е како кулата Давидова, изградена за оружје: на неа висат илјадници штитови – сѐ штитови на јунаци; градите ти се како близначиња од млада срна, кои пасат меѓу кринови; Таа: дојди мил мој, да излеземе во полето, да преноќеваме по селата; утре рано ќе појдеме во лозјата, да видиме дали потерала лозата, дали се отвориле пупките, процутеле ли калинките; таму ќе те опсипам со милувања; Тој: О, колку се убави нозете твои во сандали, ќерко знаменита!
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Имаше кажувања дека кутрите француски кози биле разделени од сестринското стадо, продадени за скапи пари на други козји ентузијасти. Вистинска балканска козја мафија!
„Потрага по Елен Лејбовиц“ од Луан Старова (2008)
Туку шуќур си велам денеска што е недела Па поповите имаат венчавки и крштевки И немаат време за визитации на коали и други сонувачи На сон поп ако ти дојде ќе ти напраи триста лошотии На сон владика или поп и за ѓаволи се веруваат А богами не се чуло дека и на јаве ги есапат за ангели Така барем велат дојденците од Македонија кои своите попови Повеќе се среќаваат по судови одошто по црквите За да расчистат како може тоа што народот го изградил Да не биде народно ами попово И како може некој да биде овчар ако нема стадо И многу имотно-правни а не духовни работи Расчистуваат македонските попови по австралиските судови
„Сонот на коалата“ од Ристо Лазаров (2009)
Почнавме да се завраќаме, ко стадо овци се завраќаме назад и тогаш падна команда.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Понекогаш ми се смачува кога ќе видам мешавина од страв и обожување на лицето на народот, толку бесрамен јавен копнеж на стадото за водач, но ако замижам на двете очи, и тоа некако ќе го преживеам.
„МАРГИНА бр. 8-9“ (1994)
Од ридовите слегуваат стада излеани од звуци. Во нив треперат летните мириси на горите.
„Липа“ од Матеја Матевски (1980)
Повеќе