станар (м.)

Во каминот имаше решо на гас, а имаше и една полица на која се чуваше храната, додека во ходникот пред вратата имаше еден кафеав водник од печена глина, заеднички за станарите од неколку соби.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Таа секоја Нова година, на ден – два пред најлудата ноќ организираше забава за станарите на зградата.
„Браќата на Александар“ од Константин Петровски (2013)
Две дебели лимузини, со гумите од едната страна по тротоарот пред сѐ уште ненаселените згради, а од друга страна по калта на идниот тревник – завртеа на десно и мешлесто тетеравејќи се, се изгубија во мракот и го оставија на чкрипавото цимолење на бришачите, сред пустата темнина на облакодерите без станари.
„Човекот со четири часовници“ од Александар Прокопиев (2003)
Се запознавме во дворот пред зградата. На состанок на станарите.
„Црни овци“ од Катица Ќулавкова (2012)
На терасата имаше повеќе скари за станарите од зградата и голема трпезарија комплет опремена, каде што ја јадевме вкусната риба и пиевме вино од регионот.
„Седум години“ од Зорица Ѓеорѓиевска (2012)
Од белите неоантички палати до дрвените викторијански куќички, од мермерните споменици до непрегледните војнички гробишта, од станарите сместени помеѓу империјални столбови до оние што пред тие столбови секојдневно протестираат - насекаде до тебе допира визијата на основачите на американскиот сон, нивните остварени замисли и оние што допрва треба да се остварат.
„Бед инглиш“ од Дарко Митревски (2008)
Го виде него, тој некој од станарите, адвентистот, свиткан пред прагот, со накривена глава и со танко конче светлост од љубопитното око; ги крстоса рацете.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
За разлика од нив, станарите што живеат у згради од по 200 или 300 стана имаат друг вид забава.
„Тибам штркот“ од Зоран Спасов Sоф (2008)
Дејствието се одигрува во куќа со наместени соби за издавање и сопственичката на куќата се прашува дали новиот станар е познатиот убиец со име Осветник. Нешто како Џек Мевосек.
„МАРГИНА бр. 21“ (1995)
Од другите станари сѐ уште никој ништо немаше забележано.
„МАРГИНА бр. 36“ (1997)
Социјабилноста во Хундертвасеровите проекти е препознатлива не само во инсистирањето за повторно воспоставување на „троединство“, акционистички тип на станоизградба, оставањето на волја на станарите да ја (пре)уредуваат својата околина, еко-димензиите во неговите проекти, туку и во тоа, со максимално зголемување и функционализација на јавните површини во зградата, да се предизвикаат социјални контакти помеѓу станарите.
„МАРГИНА бр. 19-20“ (1995)
Поради големата бучава и прав станарите ги затворија сите прозорци, сите балконски врати, и сите ролетни беа спуштени.
„Тополите на крајот од дедовата ливада“ од Бистрица Миркуловска (2001)
Сè што се сеќавам од вчерашната вечер се само бледи слики, иако се сеќавам дека се обидов да влезам во погрешен стан, вознемирувајќи ги станарите.
„МАРГИНА бр. 6-7“ (1994)
Само орманот за облека беше празен, и од неговата и од станарот.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Не знаеше дали тој станар, тој Стојан Ванков, лежи на некакво богатство и од каде е тоа богатство, како што не знаеше дали неочекуваното богатство ќе го стори посреќен.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Зареве борејќи се само со раменици и со глава. Врело и несопирливо, како метална жица, неговиот глас се проби низ клучалките на катот и се забуцна во напрегнатиот слух на станарите.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Ноќта беше мирна и единствените звуци доаѓаа од нејзините нови станари.
„На пат кон Дамаск“ од Елизабета Баковска (2006)
Музичарка, флејтистка, жител на Варшава, станар во трисобниот стан на улицата „Адам Мицкиевич“...
„Светилка за Ханука“ од Томислав Османли (2008)
Беше еден од основачите на Серуското осигурително друштво Саламандер.* Поради исплата на осигурување тој лично спалил четири куќи за издавање заедно со станарите.
„МАРГИНА бр. 4-5“ (1994)
„Само ако архитектот, ѕидарот и станарот се обединети, тоа значи една личност, може да се зборува за архитектура. (...) Архитект- ѕидар- станар се троединство, како Богот- татко, синот и светиот дух“, пишува Хундертвасер.
„МАРГИНА бр. 19-20“ (1995)
Повеќе