старечки прид.

старечки (прид.)

Го најде седнат крај тланикот до огништето, со лулето во растреперените старечки раце и главата ведната.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
Стана и старечки подгрбавен излезе од воденицата.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Наоколу мирисаше на догорени свеќи, на лански босилек, на пресна земја и на некоја старечка издишка што поминала меѓу расипани заби.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
И додека ѝ се восхитуваме и насладуваме на глетката, не забележавме дека на соседната клупа седнаа двајца мажи на чии лица изразито се гледаат старечките брчки.
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
По еден нерод, не толку старечки колку продолжување на кошмар, разбуричканост врз која пливаат трупови на мртви мисли, Богдан Јанков се обиде да ја поврзе нишката меѓу парчето рај од сонот и рајот од кој светецот во шарена одежда им покажува на крстените паганици дека православјето им носи благодет, посребрена чубрика за толчење или за венче околу глава.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Само летно време, играјќи брканица, децата се криеја во неа, а наесен немирникот – ветер кога ќе зашумеше во оголените гранки на тополите, и ги кубеше сламените старечки плеќи, се напињаше да ја одвее, но Аврамовата колиба зачудо долго време се додржа и остана сред бавчите како спомен на страшниот полјак со големи обесени мустаќи.
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
Неговата старечка бавност не ветувала спас. Но не бил старец.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Еве, старечкиот глас колебливо, засипнато ја пробиваше вревата, закрепнуваше и во стишувањето на салата полека ги исфрлуваше познатите формули.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
И кога по неа набабри втора врз зеницата на Пандо, се подигна старечката рака и дланка рапава, жилава, ковчеста, но бодра, ја откинува за да не остави лишај на пониженост.
„Постела на чемерните“ од Петре Наковски (1985)
Гласот ѝ станал длабок, повеќе заканувачки отколку старечки. Ѕвездата на брчките околу устата се раздвижила.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Пцуел старечки и ревел да го остават мртвиот, ќе се научат на човечко месо, и по своето ќе посегнат.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Просто го сеќаваше на своите рамена тоа тупо, но толку благо лице, од чијшто поглед ниеднаш не престануваше да се точи знајната длабока, потсмешлива добрина, која немаше заедничко ни со двете големи торби под очите, ни со длабоко и несиметрично врежаните старечки долини околу устата, ниту пак со неговата тврдо скована брада, чиниш од под која веднаш се слеваше јакиот јунечки врат.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Јазикот ми беше влакнест, старечки: лежеше во ковчегот на вилиците како бессилен мртовец.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Болеше глуво и постојано тоа сознание за старецот, беше една судбинска болка за животот, што еднаш мора да заврши, и тоа сега на сите оние трагови од неговите старечки раце во овие простории им ја даваше болната можност да потсетуваат на себе тажно.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Г-ѓа Маџиде му помагаше додека ние бевме на работа, па и го капеше секојдневно, понекогаш и по неколкупати зашто поради старечката деменција забораваше и, само што ќе го облечеше избањат и чист, тој викаше по Маџиде: „Меги, од кога не сум се избањал!“
„И ѓаволот чита пРада“ од Рада Петрушева (2013)
Тој, со своите старечки очи, уште ги наѕираше контурите на оние мили образи, што ги впивал во себеси дваесет и седум години и од кои му беше тешко да го оддели својот поглед.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Се разбира, не е само раскошот единствената причина да се видат обата дворца, туку уште повеќе и фактот што низ нив се гледа релјефно раѓањето и пропаѓањето на едно царство, особено убаво предадено низ портретите на падишасите, сместени во една галерија на „Топкаписи“, низ чии ликови се чувствува топотот и растежот, славата и пропаѓањето на аџеилуците со нивниот последен изданок Решад, чија старечка физиономија соодветствува на „Болниот од Босфор“ - отоманското царство во распаѓање...
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
По ѕидовите од изгланцан мермер беа налепени наредби за Старечкиот дом бр. 2.
„МАРГИНА бр. 29-31“ (1996)
И неговата Игра добиваше нешто детски наивно, чедно, она што критичарите подоцна го означија како „обнова“, како „светла искра на надежта“, но што тогаш беше разгласено за старечка инфантилност.
„Пловидба кон југ“ од Александар Прокопиев (1987)
Очигледно пред очите на Фиданкиниот свекор лежела старечка магла.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Повеќе