створител (м.)
Обрезан, се соочи со природата
мајката, морето, Марија младата
се возбуди горешто
ко огледало блескотна обелискот
од искон создаден
во него, близнак
се преслика бесконечноста
о, срцето на немоќта
ритамот и смртноста -
опсцената, ласцивната
обелискот се вивна
во интимниот кат, во еонот
од похота по постоење
со вродена моќ и смисла
да биде
проблесок на еросот
нишан - алхемија
трепетно писмо
меѓу човекот и космосот
веда устремена кон небесната матка
за да го одрази идеално
недопирливото
овоплотувајќи се себеси
сѐ
она кое не се прикажува
но може да се види
со голо око
створителу
Куросе.
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)