стопи (св.)

Го обли топлина во која за малку не се стопија неговата брада, мустаќите, неговата дебела шапка, па и снежната куќа во која живее со своите прекрасни елени.
„Авантурите на Дедо Мраз“ од Ристо Давчевски (1997)
Сега седам на тремот и мислам на убавите сенки стопени веќе во синиот чад на зимското небо.
„Липа“ од Матеја Матевски (1980)
Цел еден век. Уморот, тешкиот пат, гладот и жедта што нѐ следеа со часови додека нѐ носеа во домот завчас исчезна, божем сета наша мака, несреќи ги стопи добрата душа на Големата вода.
„Големата вода“ од Живко Чинго (1984)
Неделата би најубав ден Зашто тој ден Бог си починуваше и гледаше Народот како се крие зад стеблата Плашејќи се казна да не го снајде нова И да не заврни пепел од пеколот и снегот да не се стопи Та нов потоп да го снајде.
„Камена“ од Анте Поповски (1972)
Доаѓај ми, доаѓај ко ноќта Сета болка може да се стопи в тишината на средбата темна кога ништо в немир не го ниша класјето на двете тивки тела.
„Дождови“ од Матеја Матевски (1956)
Дедо Мраз со санка и шишенце КОКА*КОЛА еквилибрираше по падините на покривот и се цедеше во длабочините на олуците и по рабовите на оџаците плашејќи се да не се стопи како дебела илузија додека во подножјето на елката од пластика и трепкалки ги паркираше шарените пакетчиња од фабриката за евтини чоколада вафли и бомбони небаре е нејзин трговски патник а не црвен исполнувач на желби ***
„Три напред три назад“ од Јовица Ивановски (2004)
Туѓа ми е љубовта небесна, ја чувствувам како своја тагата и омразата што ме опила и на дното од чашата како последна капка најпрефинето вино чека да се стопи на усните на некој безначаен лик.
„Жонглирање со животот во слободен пад“ од Сара Трајковска (2012)
Јас посегнав по зглавје од камен а каменот цврсто ме стопи во мигот...оградена со јад и болка...каменот го сомлев...го преплашив со мојот огромен страв...мајка му на Прличев можеше да ми позавиди...само да беше жива...
„Ветришта“ од Радојка Трајанова (2008)
А и времето ги отепа. Лапавицата речиси на целиот пат им беше другар, та им ги стопи и последните сили.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Бевме во добата на невиноста, кога душата уште е мека глина и не знае дека еден ден ќе се претвори во камен или во посна земја; бевме во онаа доба кога душата е глина која лесно може да се стопи со сродна душа, и од двете да стане едно.
„Сестрата на Сигмунд Фројд“ од Гоце Смилевски (2010)
Го проколнувам јас човекот човекот кој со дланки душата ми ја стопи ме остави ко ранета птица вечно да патам... а црвените патеки оставаа траги на згаснато тело траги на мртва љубов и затворено срце кое пати и чека го чека човекот со белиот коњ.
„Поетски блесок“ од Олга Наумовска (2013)
А ако в туѓина останеш и таму завршиш, коските никогаш не ќе ти ги стопи туѓата земја и од нив душата не ќе го најде излезот небески...
„Патот на јагулите“ од Луан Старова (2000)
Чекавме да живне реката со своите бујни води, од стопените снегови на планинските врвови и падини, да разлистат врбјаците на бреговите на реката, да ги водиме козите на пасење.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Црномурниот заровите ги фрли Облакот се повлече од челото, се стопи И затечен помисли: љубовта кога ќе те опие зарот не смее да е врл, и се пофали: „Можев да ја уловам пастрмката, за прекрасна вечер на ѕвездениот чардак!
„Посегање по чудесното“ од Србо Ивановски (2008)
Поскоро да потоне во мрачините и да се стопи во нивната тишина.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Пчелките нежен касај ми оставија, ко цветови од црвени усни Во дремката на ноќта, празноглав со стакленици ги потпирав капаците на темнината Во небото ѕвезда Деница светкаше Мракот се стопи во зракот на утрото Со сиот жаргон се обидувам да го спасам денот кој навестува нова мора... залудно
„Поетски блесок“ од Олга Наумовска (2013)
Но, и таа реса бргу се стопи во белата јаснотија што го обземаше дури и него самиот.
„Човекот во сина облека“ од Мето Јовановски (2011)
Скулптурната маска на агонија на неговото лице не се стопи, но нова светлина дојде во неговите очи, а таа за неа беше како зрак сончева светлина што ветуваше.
„Невестата на доселеникот“ од Стојан Христов (2010)
Да не ти се стопила свеќата под папокот? се сети.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Се стопи од православна покорност.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Повеќе