стркала св.

стркала (св.)

Сал почувствува дека низ брадата му се стркалаа четири капки сок од капини
„Светилничар“ од Ристо Лазаров (2013)
„Кога ќе стркалаш карпа од ридот зар можеш да знаеш кого сѐ ќе повреди, во што сѐ ќе удри и каде најпосле ќе се распарчи и ќе се здроби!“, ми вели тој а со очите како и вистински да ја гледа таа огромна грамада што се валка од ридот и оди право кон него.
„Жената на белогардеецот“ од Србо Ивановски (2001)
Од големиот стог се стркала сонцето на пат и уплашено од кучињата се разбега низ тесните сокаци криејќи се зад малите прозорци на куќите Триејќи ги очите селаните ги врзуваат немирните кучиња за плот И свирејќи, со косите на рамо се разлеваат со сонцето по ливадите.
„Дождови“ од Матеја Матевски (1956)
Едно сиво клопче просто се стркала во неговите нозе.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Сега тоа ја подигна опашката и од таму се стркалаа неколку ситни црни брбушки и паднаа на подот.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Зимаа стркала топка од бели мисли но ти не извика топла е студенината на снегот Па сега без прекин чекориш по тенкиот млаз од светлината што како пат виножитен се распнал меѓу погледите и води во густата жижа на едно познато молчење Се чудиш зошто се гранките во превезот румено бел проѕирни како мирната и широката мрежа на очите Но колку и да се надвесени тие над мртвите води сепак би те грабнале на раце
„Дождови“ од Матеја Матевски (1956)
Го видов како падна на патот и се стркала во едно браздиче, меѓу камењата.
„Добри мои, добар ден“ од Глигор Поповски (1983)
Клопчето волна се стркала од скутот на доктор Гете и падна на подот.
„Сестрата на Сигмунд Фројд“ од Гоце Смилевски (2010)
Одкога ја клоцна главата ѝ се стркала удолу, го фати патот кон долот.
„Ветришта“ од Радојка Трајанова (2008)
Гневот што му се беше стркалал до забите сети како го голтнува.
„Желките од рајската градина“ од Србо Ивановски (2010)
Сонцето веќе се стркала над Чукарот, високиот гол врв од западната страна на Гогов Валог, а старецот и Бојан уште беа на ливадите. Косеа и ја превртуваа тревата да се суши.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Две солзи со мирис на џин се стркалаа од двете страни на неговиот нос.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Сакам да пружам чаршав на масата, а таа се накривила, цел двор пропаднал накосо, па и количката на малечкото се стркалала и отишла на крајот од дворот.
„И ѓаволот чита пРада“ од Рада Петрушева (2013)
Дискретно си забришуваше солза, спонтано стркалана низ образот - беа тоа солзи радосници, чувството на блискост со младата генерација...
„Тополите на крајот од дедовата ливада“ од Бистрица Миркуловска (2001)
Додека ја слушаше, а не ја дослушуваше жената како ѝ зборува, Горда гледаше во детето - годиначе, тоа си играше на подот од кујната, седнато па стркалано, уште сакаше повеќе да лази одошто да оди, клатејќи се на ножињата како пајче.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Не можеме да го фрлиме од краста удоле, да го стркаламе по басамаци, да му кркнеме нож во грб, жив да го закопаме, да му скинеме глава на спиење, да му исшмукаме крв, да го продадеме на турски силеџија, да му скинеме една дојка…
„Последниот балкански вампир“ од Дејан Дуковски (1989)
И можеа тие неколку дена, додека се искрадуваа, да ги гледаат пренатрупаните патишта со сиот имот на државата, беше како некој да ги имаше истресено, исфрлено, крај главните и други друмови, сите државни магацини, сите воени резерви, сите комори, заедно со нераспрегнатите коњи и сите други воени возила, запрени, или стркалани крај џадињата.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Беше отфрлен, се стркала сѐ до надворешниот крај на толпата.
„Лек против меланхолија“ од Реј Бредбери (1994)
Фати сѐ надолу, како тркалото, што најпосле, се откачи од колот на оградата и се стркала надолу по брегот здробувајќи се во парчиња. ...
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Едно парченце од коралот, малечка розова витка, како шеќерна пупка од ружа за на торта, се стркала по простирката.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Повеќе