сфаќање (ср.)
Но она големо мажиште од генерал ги избриша само за неколку недели сите нејзини застарени сфаќања и предрасуди.
„Жената на белогардеецот“
од Србо Ивановски
(2001)
Знаењето и сфаќањето му беа сместени во мислата и беа неоспорни.
„Невестата на доселеникот“
од Стојан Христов
(2010)
Притоа безрезервно се велича големината на народниот гениј, особено во партиските сфаќања на уметноста и нејзината служба во народот.
„Папокот на светот“
од Венко Андоновски
(2000)
Кога ја отвори вратата, сега без изненадување, го здогледа својот прилично помлад колега Никола Гологанов кој му беше еден од ретките пријатели со кого со предизвик и задоволство ги споделуваше своите либерални сфаќања во текот на децениите на строго контролирано мислење и говорење.
„Човекот во сина облека“
од Мето Јовановски
(2011)
86. Оние карактеристики кои Мисирков ќе ги повтори и кон крајот на својот живот бездруго се однесуваат на бугарските студенти во Русија, кон кои беа приклучени и некои Македонци коишто навистина беа во поголемиот број опфатени од социјалистичките идеи и, според тогашните сфаќања, се однесуваа прилично нихилистички кон националното прашање воопшто.
„За македонцките работи“
од Крсте Петков Мисирков
(1903)
Задоен со старински сфаќања за бракот и семејството никако не го прифаќаше тоа што му се зборуваше.
„Последната алка“
од Стојан Арсиќ
(2013)
Во согласувањата меѓу особеностите на работата на сонот, истакнати на почетокот на овој текст, и оние кои истражувачот на јазиците ги откри во праксата на најстарите јазици би се осмелиле да видиме потврда на нашето сфаќање за регресивниот, архаичен карактер на начинот на кој мислите се изразуваат во сонот.
„МАРГИНА бр. 6-7“
(1994)
Токму ваквиот начин на сфаќање на уметноста владее со западниот свет уште од времето на ренесансата.
„МАРГИНА бр. 10“
(1997)
Србите направија преврат и во сфаќањата и стремежите на Македонците, преврат вистина не и во нивна полза, но уште помалку во бугарска.
„За македонцките работи“
од Крсте Петков Мисирков
(1903)
Кога брат ми на светот му го соопштувал ова свое сфаќање како апсолутна вистина, не се сетил на мојата болка од она попладне кога тој имаше тринаесет, а јас седум години, онаа болка и оној страв предизвикани од погледот на разликите на нашите тела, од помислата на раснењето и делењето со детството, од претчувството дека мојот живот и неговиот живот нема да продолжат заедно и ќе чекорат одвоено кон смртта; го заборавил тоа попладне и тагата и стравот што потекнаа од него и што како сенка паѓаа врз мене претворајќи се во некоја друга тага, во некој друг страв, влевајќи се во некои други таги и стравови.
„Сестрата на Сигмунд Фројд“
од Гоце Смилевски
(2010)
Од дотука реченото се гледа: прво, оти ако по нашите сегашни етнографски сфаќања на Балканскиот Полуостров, особено на централниот и југоисточниот негов дел, т.е. во денешна Србија, Бугарија, Тракија и Македонија имало и има само две словенски етнографски единици – српски и бугарски народ, тогаш тоа уште не значи дека нема, немало и не може да има друга словенска единица, а напротив, дека нејзиното постоење е во пределите на возможното и на реалноста; второ, дека во Македонија нема две јужнословенски народности – српска и бугарска, а напротив дека во неа има само една народност со свои особини, коишто или претставуваат нешто оригинално што се нема ни кај Србите ни кај Бугарите, како што е, да речеме, со многу особини на македонските наречја, или нешто што се има и кај Бугарите и кај Србите или коешто се има само кај Македонците по краиштата на нивната татковина и кај Србите, или пак по нив и кај Бугарите, и дека од тие особини на Македонците, како дел од словенската група народи, најмногубројни, најраспространети, заеднички за сите Македонци, значи и најважни се тие особини со кои Македонците се одличуваат од другите словенски народи: по нив Македонците фактички составуваат одделна и самобитна словенска народност, иако за неа денеска не се зборува во науката и во секојдневниот разговор; трето, дека причината за тоа игнорирање и затемнување на постоењето на македонската народност се крие во постоењето на името „Бугари” во Македонија во етнографско значење и во експлоатирањето со него од страна на Бугарите.
„За македонцките работи“
од Крсте Петков Мисирков
(1903)
Домаќинот се држеше за свои сфаќања.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Судбина... Во тие зборови немало ни победнички призвук на докажана мудрост ни разочараност; според неговото сфаќање, сѐ се движело по однапред определени простори со свои тајни и неизбежни законитости.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Хичкок во текот на својата работа во Америка помина низ многу фази, постојано барајќи нови можности на изразување, одговарајќи на новите предизвици и продлабочувајќи го своето сфаќање за светот.
„МАРГИНА бр. 22“
(1995)
Поточно, ја изразувам согласноста дека она што луѓето го создаваат може да предизвика одредени последици, (се разбира, во ова мое сфаќање на последиците спремен сум да ги вклучам и појавите во физичкиот изглед, на што Борко посебно инсистира), но притоа внимателно додавам: - Твоево тврдење не смее да се прогласува априори точно.
„Желките од рајската градина“
од Србо Ивановски
(2010)
Јас тргнав по друг пат, според сфаќањата на моето рано окружување, многу полесен, патот на моливот и белата кошула и вратоврска.
„Бунар“
од Димитар Башевски
(2001)
Беше полна со застарени сфаќања кои ѝ беа предадени во наследство.
„Последната алка“
од Стојан Арсиќ
(2013)
Од старото сфаќање за опусот повеќе би сакал да ја задржам вредноста на единственоста, а не идентитететот по себе или склопот.
„МАРГИНА бр. 11-12“
(1995)
Ред и логика меѓу нив и не можеше да има, зашто материјата и духот, квантитетот и квалитетот, суштината и формата, по тоа сфаќање, се апсолутно раздвоени, идентични сами себеси или се само ствари, или само појави.
„Значењето на Хегеловата филозофија“
од Кочо Рацин
(1939)
Според нивното сфаќање, општо усвоениот поглед за општо востание во Македонија бил погрешен, зашто мачно било да се организира и вооружи целиот незадоволен народ.
„Солунските атентати 1903“
од Крсте Битоски
(2003)