сјаен (прид.)
Застаната пред твоите испишани редови како да стоев сред продавница за слатки, во која пред мене истуриле голема кутија сјајни и шарени бонбони.
„И ѓаволот чита пРада“
од Рада Петрушева
(2013)
Водите густи и питоми по сјајниот метал на утрото водите полни со твојата умореност На патот до смртта како на патот до ноќта Понекогаш само ќе наврати гугутка амајлија на една дамнешна љубов
„Посегање по чудесното“
од Србо Ивановски
(2008)
Европа Ах ти прелепа божице што богот наш суров без поштеда и пардон те опаша грубо сега освета слатка ни спремаш судбината ко џамаданче ни ја кроиш и приспивни бајки ни редиш но не во сон сладок ами во очај и летаргија нѐ фрлаш Ах Зевсе ненаситен манијаку сексуален никаквецу од небесна сорта што несреќа на врат ни врза што грев в мозок ни жигоса та ни камшик ни пост велик оттаму не може да го истера Ах милост имај божице сјајна еве на колена клечиме пред портите на домот твој златен петиците ти ги целуваме прошка дај ни за гревот наш древен и прибери нè внатре бар малку тело запустено да одмориме и душа грешна да згрееме подај ни сал трошка од трпезата ти божеска и вечно името твое ќе го славиме и пелтечиме Маргина 35
„МАРГИНА бр. 35“
(1997)
Имаше и такви кај кои, откако ќе им ја излижев сјајната и блага шарена обвивка, ќе стасав до делот исполнет со сол, а тој толку многу ги печеше заборавените рани и потсетуваше на лажност и на измама.
„И ѓаволот чита пРада“
од Рада Петрушева
(2013)
И така, редум пред мене, секоја нова приказна беше како сјајна и чудесно шарена, нова крцкава бонбона, која те предизвикува да ја пробаш за да ѝ го почувствуваш единствениот вкус, кој е секогаш толку различен, но и така сличен по некој состав и по мајсторлак познат само на создателот.
„И ѓаволот чита пРада“
од Рада Петрушева
(2013)
Возовите одеа негде, по сјајните шини од главниот колосек, ги поврзуваа далечините и убавините на овој убав свет.
„Билјана“
од Глигор Поповски
(1972)
Не можев да им поверувам на ушите. Собрав сили да изустам: „Та зарем така сочинувале слова сјајни владетелите?
„Папокот на светот“
од Венко Андоновски
(2000)
Петре го зеде шејот на левата дланка, со десната го откри на сите четири страни и на неговата дланка врз црната басма, ние децата што бевме тука собран, видовме нешто ем знајно ем дотогаш невидено: беше костенливо сјајно, со крвчиња во сребро на краиштата на трите краци и со сребрено столче на долниот крај да можеш да го пуштиш и легнат и простум да стои.
„Крстот камбаната знамето“
од Мето Јовановски
(1990)
Растенијата си имаат специјални сокови кои го прават листот еластичен, сјаен, радосен, а со често туширање сокот се отстранува.
„Тополите на крајот од дедовата ливада“
од Бистрица Миркуловска
(2001)
А разгранатите, овде-онде по дворовите, расцутени бадеми и праски гореа со своите светлорумени крошни и се преливаа на сонцето, како големи сјајни рубини.
„Бојана и прстенот“
од Иван Точко
(1959)
Прочуениот човек од гума Август Рицман ќе излета од грло на голем топ и ќе пробие три пламени обрачи. Сјајна, незаборавена точка.
„Кловнови и луѓе“
од Славко Јаневски
(1956)
Покрај сјајните излози во кои самозадоволно се огледува нормалноста. Чудаци, почекајте ме!
„Зборот во тесен чевел“
од Вероника Костадинова
(2012)
Сонуваше: цветна земја, цветни ливаѓе и дрочни градини, градови со дрворедни, со полни театри, поети со оди и псалми на певици, со умни библиотекари и сјајни библиотеки.
„Захариј и други раскази“
од Михаил Ренџов
(2004)
Можно ли е, заради таа своја проклета Партија, да не ми дозволи да прочитам една љубовна песна, во која само ќе ја опишам косата на љубената, под сјајна месечина?
„Папокот на светот“
од Венко Андоновски
(2000)
Се расплака Тошо тајно со солзи во око сјајно за мене тука место нема кучето Тарзан ми го зема.
„Поетски блесок“
од Олга Наумовска
(2013)
Беше витка, секогаш многу елегантно облечена девојка, со убава костенлива коса и светла, сјајна кожа.
„Белиот јоргован“
од Хајди Елзесер
(2012)
Со чувства или без во убава сјајна конзерва, Конзерва која ме чува.
„Читај ми ги мислите“
од Ивана Иванова Канго
(2012)
Ја симна маската и го видовме со Земанека насмеан, со сјајна ќела и среќен.
„Папокот на светот“
од Венко Андоновски
(2000)
Од устата му се излеваше, не темна, туку фосфорна вида и паѓаше во едри капки што светеа како сјајни џамлии.
„Захариј и други раскази“
од Михаил Ренџов
(2004)
Се симна Духот - птицата небесна, Се источи небото во лачи сјајни, Се пресоздаде светот во тивка песна, Пееја ангели - простори бескрајни.
„Сонети“
од Михаил Ренџов
(1987)