тенок прид.

тенок (прид.)

Над бујните жита се носеше тенко детско гласче.
„Билјана“ од Глигор Поповски (1972)
Со тенко дрвено стапче се потчукнува по колкот.
„Дружината Братско стебло“ од Јован Стрезовски (1967)
Го намести буклето под тенкиот шупур на кладенчето и отиде кон шумичката да седне под сенка и малку да здивне од горештината.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
Падна една зима како мртов месец капна една зима како заклан страв Врвот од забите песни не изостри за голите гранки на погледот но пролетта ја наслути и ронливиот мак на тенката усна на детето на устата барање устата глад Капна таа зима како згазен страв Капна една зима како згасен месец
„Дождови“ од Матеја Матевски (1956)
Остро издаденото адамово јаболко во неговиот тенок врат направи изненадувачки брзо движење горе-долу и пивото исчезна.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Преку тенките кожени прегради очите ја сеќаваат розикавата и тешка светлина на ламбата.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Кога се сврте зад себе го најде она свое јаренце исправено на високите, тенки ножиња, скаменето, како споменик на убавината и на невиноста на дивиот свет, несфатливо далечно од него и залушано кон таа ведра ноќ, целото потонато во одбирањето на сите нејзини шумови, настрхнато на нејзината белина, а во неговата стојка како да беше собрана и сета белина и сиот раскош и му ги носеше и во таа малечка собичка, во тој малечок заграб од белото пространство на дивината.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Таквите полека почнувате и да ги одбегнувате, не сакате да соработувате со нив, зашто знаете, како што тоа се вели, дека можат да ве остават „на цедило“ или да ве наведат „на тенок лед“.
„Добри мои, добар ден“ од Глигор Поповски (1983)
Ти ги симнав гаќичките од бикинито по тенките прегради на твоите нозе, а ти ги потегна моите шорцеви под работ на исончаното.
„МАРГИНА бр. 32-33“ (1996)
Никогаш не ја заборавив сликата на разиграните дервиши како занесено до транс играа и скокаа, бодејќи се на крајот со долги и тенки куки кои влегуваа од едниот, а излегуваа од другиот образ.
„Атеистички музеј“ од Луан Старова (1997)
Стоеше на тој раб помеѓу свесното и несвесното, таа припаѓаше во исто време и на длабокиот спокоен сон и на околниот надворешен свет во момент кога спиеше, одеше по работ, на тенкиот хоризонт на нејзините очи и чуваше стража на самата себе!
„Ветришта“ од Радојка Трајанова (2008)
Еден дел од широкиот двор беше покриен со лозници и насекаде имаше цвеќиња: во предниот дел од дворот во март месец по земјата се ширеа бели и розови зумбули, во април потокалови и црвени лалиња, а над нив се извиваа тенките но густи како букети - бели и лилави јорговани кои расцутуваа во мај, додека преку целото лето низ дворот се ширеа бели маргаритки.
„Белиот јоргован“ од Хајди Елзесер (2012)
Тенкиот свилен фустан полн со набори, се вееше, се пафташе како на силен ветер, а ѝ се пафташе и опашката од косата и ѝ поигруваа обетките и огрлицата на гушата спуштена на широкото деколте на фустанот и браздичката меѓу дојките кои при силното вртење потскокнуваа како да сакаа да излетаат.
„Животраг“ од Јован Стрезовски (1995)
Откако Ленка остави кошула тенка ленена недовезена на разбој и на наломи отиде тутун да реди в монопол - лицето ѝ се измени веѓи паднаја надолу и усти свиа кораво.
„Бели мугри“ од Кочо Рацин (1939)
Тенките и ковчести раце на првиот пак се опнаа.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Пред него на тротоарот лежеше мало купче малтер, а во неговата средина јасно се гледаше тенка црвена бразда.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Зимаа стркала топка од бели мисли но ти не извика топла е студенината на снегот Па сега без прекин чекориш по тенкиот млаз од светлината што како пат виножитен се распнал меѓу погледите и води во густата жижа на едно познато молчење Се чудиш зошто се гранките во превезот румено бел проѕирни како мирната и широката мрежа на очите Но колку и да се надвесени тие над мртвите води сепак би те грабнале на раце
„Дождови“ од Матеја Матевски (1956)
На подот на ателјето има тенка бела линија во иста линија со објективот на проекторот, а објективот на камерата мора да биде на таа бела линија.
„МАРГИНА бр. 22“ (1995)
Во последниот дел од ревијата моделите носеа отворени лежерни фустани со тенки бретели, истакнат струк и широк пад, или гол грб со тесна долга сукња но во весели, шарени дезени: „Флорида“ (акварелни цветови), “Гранд При“ (цртани цветови), споени птици во стил на Ешер во црвено/светло сива нијанса, со лудо поставени вистински цветови/камелии над косата и мрежа која паѓа над очите.
„Белиот јоргован“ од Хајди Елзесер (2012)
Ги гледа тенките фигури на келнерите како бргу потрчуваат меѓу тркалезните црвени глави, растурени по масите.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Повеќе