тепсија (ж.)
Во лавиринтската тепсија на баклавата ќе бидат запишани многу горчливи страници на балканската историја.
„Балканвавилонци“
од Луан Старова
(2014)
Доаѓал ноќе и ги кршел чиниите или ги тркалал тепсиите.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Селото се прогледа како тепсија и Османлиите можеа да видат како од секоја куќа излегува густ дим од оџаците, а на сред село голем собор од луѓе.
„Калеш Анѓа“
од Стале Попов
(1958)
Нивниот живот е рамна и високо дигната тепсија.
„Месечар“
од Славко Јаневски
(1959)
Нешто ми стои на главата како тепсија со жежок зелник, како табла со топли лебови.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
Јаничарите, веќе исплашени од султановата закана, се сетиле да ги соберат од Кукулино и од другите соседни села сите машки деца од четири до четиринаесет години - доколку ајдутот Парамон не им се предаде или селаните не ја донесат на тепсија неговата глава, тие ќе ги исколат децата и ќе ги обесат нивните главчиња на скопските дрвја, јаболка со мртви очи да се.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Влегоа во фурната. Во големи тепсии и плехови се печеше пченкарен леб.
„Волшебното самарче“
од Ванчо Николески
(1967)
Невестата Митра ја кренала последната подница од погачите, но пепелта уште не е ометена, оти тепциите треба да стојат под вршник да не се оладат.
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)
Рамна како тепсија, не ѝ се догледува крајот на оваа земја.
„Патувања“
од Никола Кирков
(1982)
Потоа ја турна тепсијата на средината од масата поканувајќи ги полковниците да си земе кој какво сака месо.
„Злодобро“
од Јован Стрезовски
(1990)
Помина ручекот велигденски, се најадоа мажите, се напија, дојдоа пак жените да ги земаат тепсиите и се надуја гајдите на сретсело.
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)
Тепсијата веќе беше празна, грнето со матеницата испиено, а на луѓето уште им се седеше.
„Бојан“
од Глигор Поповски
(1973)
Па после ги клаваа коњите в тепсија. Со сите четири копита в тепсија. Пијана работа.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
Гласот, оној негов или на некој што е невидлив, прашува со нагласени согласки што ќе види и тој се сеќава на сѐ што гледал во куќата како дете: сабја кулајлија со вткаени букви од сребро во канијата - Смрт или слобода, стари црковни книги од времето на минатовековната игуменија Минадора, француска или германска кацига од времето на Балканските војни, турски тепсии со богати шари, ископани и начнати римски или такви некакви фигури на светци и војници, шандани, кандила, ками.
„Забранета одаја“
од Славко Јаневски
(1988)
Таа колебливо се насмевна, ја зеде тепсијата, се заблагодари и ја затвори вратата.
„Чкртки“
од Румена Бужаровска
(2007)
До ковчегот, водарник со леѓен за миење и казанче за вода обесено над него со мало славинче; стомна, ѓум, матарка што татко му во свое време ја донесе од на фронт, целата исчукана од влечкање по ровови, а потоа и овде од носење по полето и планината; тепсија на која сјајот ѝ потемнал и ги покрил арапските шари на неа; над водарникот обесено парче огледало како месечинана на погибеж, прекриено со прашина и слепо; на спротивниот крај од креветот, ниска, правоаголна печка со четири нозе од кои едната е окуцана и потпрена со тула, со две тркалца на неа, - гусани обрачи што се вадат при готвење, и целата 'рѓосана; на неа оставено газиено кандилце како на гроб; на дрвената кукалка во ќошето обесена гајдата од татко му, провисната со писката и брмчалото надолу, како обесена овца; останата по смртта негова за да му го чува последниот дуеж во неа, неговата душа.
„Животраг“
од Јован Стрезовски
(1995)
Добар е и вака да се јаде, со џимиринки, со сирење, или со кисело млеко, но многу е посладок ако пред тоа се потпече, во тепсија, заедно со џимиринките, или со сирењето.
„Потковица на смртта и надежта“
од Миле Неделкоски
(1986)
На мајка ми ѝ се нажалило, направила голем ризик, ја симнала тепсијата од глава и стомната со вода и клекнала до неа да ѝ го извади трнот.
„Три жени во три слики“
од Ленче Милошевска
(2000)
Натаму од прудолницата се е како бела тепсија заградена со волна на свистнатото небо.
„Авантурите на Дедо Мраз“
од Ристо Давчевски
(1997)
Лефтерија внесува една тепсија полна со риби, Околу рибите тркалцина од пресечени лимуни, грејат како месечина.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)