тетерави (несв.)
Трепериш како булка на мајско ветре се тетеравиш од годините врз плеќи молчиш како икона нацртана од крвој се виориш како барјак исткаен од светлина
„Кревалка“
од Ристо Лазаров
(2011)
Остави ја нека тетерави додека не ја изеде лав.
„Сенката на Карамба Барамба“
од Славко Јаневски
(1967)
Ја качивме со мака на магарето. Патот надолу е нерамен и дупчест, па магарето како клацкалица ниша со главата и се тетерави под тежината на претешкиот товар.
„Дружината Братско стебло“
од Јован Стрезовски
(1967)
Тетеравејќи се под тежина на она што го кажаа таванот и подот, излегов од куќата што воздивнува.
„Пупи Паф во Шумшул град“
од Славко Јаневски
(1996)
Насетуваше дека е само прашање на време кога нозете ќе го издадат и ќе почне да се тетерави.
„На пат кон Дамаск“
од Елизабета Баковска
(2006)
2. Долниот свет
Не оти сме слепци
туку од што сме се одвикнале
да гледаме блиску пред себе
невешто се движиме
со стап вперен напред и
пипкаме:
да не би да наидеме на змија, мудро немушта
да не би да најдеме габа, солза радосница
оти со години гледајќи далеку
ни отапеа сетилата
за светот тукашен
па само некоја разорена
и во мислите насетена
ко привидение, стварност
се тетерави без престан
и бдее
од страв да не исчезне
ако се успие!
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)
Извади таа некои цигари со тигреста амбалажа и тетеравејќи се во тесниот фустан, седна до мене да ми објаснува дека ги купила од бит-пазар без маркица.
„Знаеш ли да љубиш“
од Ивана Иванова Канго
(2013)
А баба ми ме викаше и Прле на баба, затоа што газето не ми држеше и затоа што истиот ден кога јас сум се родил, во ливадата, тетеравејќи се на слабникавите нозе, се залула и по неколку минути потрча младото прле - магаренцето.
„Големата удолница“
од Петре Наковски
(2014)
Сѐ почесто го наоѓале како се тетерави пред сурија распуштени дечишта или како спие напаѓан од муви во сенка на циганска плитарска куќа.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Како да испарила секоја капка животен елан и се тетерави на брановидните ветровити патишта.
„Читај ми ги мислите“
од Ивана Иванова Канго
(2012)
И кога ноќе, шепотејќи со дланка на уста молитви, ќе се сетел за таа глава, умирал; не можел да не мисли дека нејзиниот труп гние во призрачната куќа-кула чија чкртава врата непрекинато ја отворал и ја затворал лут северен предвесник на долга и тешка зима низ чии виулици ќе се тетерави безглава сенка на еден непокорен поет, оној што пеел помеѓу истрели за своите неродени деца и за нивната непозната мајка меѓу ѕвезди и сини пеперуги.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Врз една темна табла близу до работ на платформата можеше да се забележи, во препознатлив Бојсов ракопис, една сентенца која ја сумира пораката која тој се обидуваше неуморно да ја изрази во неговата подоцнежна работа: „Единствено уметноста е способна да ги оневозможи репресивните ефекти на еден сенилен социјален систем кој продолжува да се тетерави по линијата на смртта”.
„МАРГИНА бр. 15-16“
(1995)
На кутриот крал му е оставена илузијата дека владее и дозволено му е, сосе круната, достоинствено да се тетерави поле по поле.
„Слово за змијата“
од Александар Прокопиев
(1992)
Се тетеравел по шумата и ревел со подадени раце кон небото, кон пеколот на тоа небо и кон куциот господар на тој пекол.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Две дебели лимузини, со гумите од едната страна по тротоарот пред сѐ уште ненаселените згради, а од друга страна по калта на идниот тревник – завртеа на десно и мешлесто тетеравејќи се, се изгубија во мракот и го оставија на чкрипавото цимолење на бришачите, сред пустата темнина на облакодерите без станари.
„Човекот со четири часовници“
од Александар Прокопиев
(2003)
Чуварот се тетеравеше по нив.
„Пустина“
од Ѓорѓи Абаџиев
(1961)
Огнена почна да се тетерави. Како да стои во чамец што бранот го подзел в рака.
„Синот“
од Србо Ивановски
(2006)
Густата жега ги забавува движењата. Ја водам маската, тетеравејќи се со нагазените и испотени патики.
„Бунар“
од Димитар Башевски
(2001)
Како трудница се тетеравеше, час на едната, час на другата страна на брегот, поткопувајќи ги бреговите и секој миг грицкајќи по залак од плодната банатско-бачка рамнина.
„Последната алка“
од Стојан Арсиќ
(2013)
Има и кутија со многу мали предмети - има една џива што се тетерави по цилиндарот додека тој се врти, потоа зад нив има едни ротирачки маскирани вртлози со лице на инсекти што ви се плазат, потоа ги има оние мали спирали и пламенчиња, и некои други нешта што се случуваат.”
„МАРГИНА бр. 29-31“
(1996)