тефтер м.
тефтерче ср.

тефтер (м.)

Во старите пописни книги на населението и имотот, во тевтерите на воените и даночните обврзници, па во хрисовулите на византиските императори, Потковицата се споменува како феуд или црковен посед, а во ферманите на турските султани, испраќани во врска со собирањето на даноците, со ајдутите, со побуните и казнените експедиции, како султански имот, Хас чифлиг, под името Загориче, кој, најверојатно, зашто се најдува точно на границата помеѓу Битолско и Прилепско Поле во различни времиња потпаѓал под управа де на едниот де на другиот град, но за луѓето кои живееле тука, за нивната раса, религија и бит ништо не се споменувала.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Сѐ повеќе ги притискала смртта на оние со кои пошле од своето бедно село што се споменувало само во даночната администрација или во беговските тефтери и се мачеле дури и на спиење од сеќавањето за вчерашните восочни лица.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Оттогаш, од тие одамнешни и недојаснети времиња, во кои и не морало токму вака, како погоре, односно како што било запишано во тефтерот Акиноски, да се случи завојувањето на Потковицата од страна на Турците, од некогашната малечка населба во Дупка останати се уште само неколкуте старовремски куќи, во кои, откако се иселија Аџиоските и Цолеските, едните уште во првата Голема војна во Бугарија, другите сега наскоро, ко се пуштија границите, во Австралија, никој не живее.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Во вашите тефтери сѐ излегува двојно и тројно.
„Чорбаџи Теодос“ од Васил Иљоски (1937)
Во тефтерите одново нѐ запишуваа по име и презиме и по место на раѓање.
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
Тие услуги се плаќаа можеби поскапо и од самите наказанија, ама главно луѓето не се запишуваа во „ќелеш“ тевтер, како ги викаше тој наказателните книги што се водеа кај кадијата и кајмакамот за евиденција на накажаните граѓани.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Црквата ги величи зашто сама ги создала и ги хранела со иудашки сребереници од нејзината азна, а државата без срам се гордее со кодошлакот, шпионството и одродништвото и како пример на храброст за дечињата уште првиот ден на пречекорување на прагот од градинката, во нивните чисти души го истура отровот на отуѓеноста од родот и во тефтерите ги запишува со грчка пена. 3 ***
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
Овој тевтер, или повеќе истородни тевтери, со сигурност се знае, во Потковицата суштествуваа до почетокот на педесеттите години на овој век, односно од времето кога присилата за колективизација многумина од Потковицата ги распрска на сите страни.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Постои главна книга – го покажа жолтиот тефтер – и постојат пописни листи за секоја коза.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Беше подзастаната. Оставаше впечаток дека всушност си ги набројува тие свои предности, а јас, уверен во ваквите нејзини размисли, всушност само ѝ помагав во разлиструвањето на тој нејзин тефтер.
„Летот на Загорка Пеперутката“ од Србо Ивановски (2005)
Едно време, кажуваат тие, и се задумувал дека да им го остави тефтерот, но веднаш потоа гласно изразувал сомневање дека не се кадарни да исчуваат такво нешто, од непроценлива историска вредност, кога веќе не си ја исчувал земјата и луѓето на неа, и - не им го оставил.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Без свеќа и без крст и име врежано во камен, а имињата најмногу им се живи во споменот и болката на роднините и запишани се во тефтерите кои на архивските полици ката ден ги гризе прашина.
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
– Дали сте благословени од света Богородица, кога така го штитите името на нејзиниот премудар син, – одговори калуѓерот и го извади тефтерот од торбата и му го поднесе на поп Јакова, говорејќи му: – Ако милуваш да подариш нешто за света Богородица, запиши во него.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Бездруго вака го протолкувал сонот и Јовановиот одамнешен предок, оној прв што го сонувал и по што го запишал во тефтерот и потоа отишол да стане пустиник.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Забелешка на авторот: крајот од реченицата – во тефтерите ги запишува со грчка пена – се однесува на грчките закони со кои задолжително беа менувани називите на македонските топоними и личните имиња и презимиња на Македонците.
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
Тој, набрзина, од излитената кожена чанта извади неколку разнобојни пописни листови и еден поголем жолт тефтер.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Ако е исто и во двете слики, тогаш каде се оние двајца со тефтерите во кои те внесуваат за да не се загубиш негде по пат?
„Исчезнување“ од Ташко Георгиевски (1998)
Сите кои имаа можност да ги видат, а можеше секој од Потковицата да ги види, беше само да отиде дома кај Акиноските и на надлежиот за тефтерот, по правило тоа беше најстариот од нив, да му раскаже нешто кое навистина се случило и кое ги засегнуваше сите од ред во Потковицата, остануваа стаписани од големината нивна (собрани на куп, со тевтерите можеше да се наполни доволно еден дел вејнички куфер) и од писмото во нив: беше чудесно испишано и украсено со разно-разни шари.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Се туркавме кој побрзо ќе застане пред тефтерот.
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
Тогаш, бегајќи од неа, од колективизацијата, последниот од Акиноските, Јован Акиноски, го однесе некаде со себе и тевтерот.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Повеќе