тиква (ж.)
Нѐ гледа уплашено и рини од тиквата со корупче. Му кажуваме зошто сме дошле.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
Богатата обоеност на гуштерот не беше како ни едно од оние нешта што раснеа на теренот или во бавчите; поразлична од бојата на тиквите, тиквичките или лејките.
„Невестата на доселеникот“
од Стојан Христов
(2010)
Спроти џамлакот стоеше платното што го сликаше на ногалки од школска табла, а под неа кантички со бои, шперплоча како располовена крушковидна тиква за мешање на боите, шише терпентин и ќупче четки во различни големини и уште едно ќупче шпахли, исто во различни големини.
„Синовски татковци“
од Димитар Солев
(2006)
Од полуотворените врати на секаквите куќи кон мене зјапаа баби со лица на црцорци и тапонски агенти: оџачари со мердивани за да погледнуваат во туѓи прозорци, попови со оружје под прешироките мантии, предвоени пензионери на патерици и во излижани облеки на риги но со полициска цел во голите и збрачкани тикви, маслосани асфалтери со замачкани муцки и со душоваднички нокти на прстите, пожарникари, лажни студенти на државни бицикли, продавачи на зашеќерен сусам.
„Забранета одаја“
од Славко Јаневски
(1988)
Пред очите ѝ никна она малото Крле попово, на кое му даваше тиква, кора и јајца заедно со нејзините деца и ѝ излегоа пред паметта сите стари планови.
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)
ХЕРЦОГ: На здравје. Секогаш кога вака самозадоволно наздравувам чекам некој да ми пријде од зад грб и да ми ја скрши тиквата со топузина.
„Одбрани драми“
од Горан Стефановски
(2008)
Киоскот со цигари и весници е отворен, лебот е дојден од градот, а на пазарчето се продаваат домати како јаболчиња, распукани смокви, презреани краставици и модри патлиџани како дебели краставици, динчиња колку тупаници и калинки колку динчиња, прави пиперки како скротени риби и по некоја шарена лубеница долга како тиква за печење.
„Синовски татковци“
од Димитар Солев
(2006)
Како и да е, Милан сакаше петлите да бидат тука околу него, како што сакаше да му висат тиквите, тиквичките и лејките во работилницата.
„Невестата на доселеникот“
од Стојан Христов
(2010)
Векот време седевме и си зборувавме за бакрданик, за палеж, за варена тиква. Кому што му се јаде.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
И додека ја вдишувавме и ја голтавме сладината, таа од џебот ја извади сојката со сиџим врзана за појас, ја пресече тиквата на фаши, парче отсечуваше и парчето секому му го подаваше со рака.
„На пат со времето“
од Петре Наковски
(2010)
А може да ги носи со кола, вели, ко тикви што се носат.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
Јајца в кавез петел чува. Девет дињи оро водат, во шупелка тиква дува и морков на тапан чука.
„Најголемиот континент“
од Славко Јаневски
(1969)
Питите ѝ одеа малку потешко. Ама со годините и времето научи да го стегне кр’нгот и в раце да го заигра сукалото под кое добро измесеното тесто се сучеа кори за пита со пресул, со праз, со кастици, со кромид и свинско пржено, пита со тиква, со урда и праз, со коприви, со корки мешани со урда и јајца... сучеше и кори за бурек плескан со по четири или пет кори со урда, сирење, бурек виткан окол-закул со сирење и кори за бурек - плетениот...
„Големата удолница“
од Петре Наковски
(2014)
Стегам повторно. Му ја акнувам тиквата од плочките...
„МАРГИНА бр. 21“
(1995)
Со чувство на вина што не се простува, ноќта се распаѓала на резенки и претставувала уште само сенка на ридови и на ритчиња, премногу косопасни и соголени од чифлигџии и селски копуци за да минат запрегите низ шума или да се присокријат негде призраците на Самоиловата коњица, или на Крум или на Душан, или на кој и да е војувач на ова парче земја чиј народец го проретчувал кој како ќе стаса, најпосле врз неговата тиква да се струполи и топузот на Бајазитовите потомци, тој топуз да ги потурчува каменот, земјата и човекот со тапија потпишана одлево надесно и да граба од 'ржена слама машки деца - подоцна под сабјата на младите јаничари да дојде понекогаш родниот брат или татко, ни колачот ни закланиот да не знаат дека крвта пролеала своја крв.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Им дадоа да цртаат некаква мртва природа, составена од загризено јаболко, компир во глуждови и крушковидна тиква, па една човечка глава од бела глина и уште нешто по слободен избор.
„Синовски татковци“
од Димитар Солев
(2006)
Како да најде тиква печена. Ја гледа мината поднасмевнато, вели, и ја потклоцнува со ногата.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
Аферим, ашколсун! Цел век ве учам на ред и чистота, туку буки и тикви учам!
„Чорбаџи Теодос“
од Васил Иљоски
(1937)
Малку благ од тиквата, малку лут од црвените пиперки, малку повеќе солен, елем, залак се топи, пиперки се шмукаат, бардакот се накрева де од еден, де од друг.
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)
Вака излегува токму врз мене ќе пукне тиквата.
„Одбрани драми“
од Горан Стефановски
(2008)