толчи (несв.)
А научив и по тоа што на тој ден дома беше вистинска збркотница: уште во рани зори стануваше мајка ми, нѐ будеше сестра ми, мене, дедо ми и почнуваше она што севезден го проколнував: ги тресевме постелите, ја менуваме сламата од сламарниците, се пентаревме на столови и со метла мавтавме по ќошињата кинејќи ја пајажината, роневме пченка и толчевме исушени пиперки, ги вадевме добичињата да се топлат на сонце во дворот, трчавме по кокошките за да ја фатиме онаа што носеше јајца во туѓа плевна и на која дедо ми уште одвечер ќе ѝ донесеше пресуда зборувајќи дека такви лиоти не би требало да се држат дома.
„Дружината Братско стебло“
од Јован Стрезовски
(1967)
Црни облаци се дигаа од земјата, молскавици од усвитено железо се вбиваа во живите тела на немоќните, град од железо ја толчеше земјата и долги јазици од пламен се истураа од небото и ја гореа и пеплосуваа.
„На пат со времето“
од Петре Наковски
(2010)
Ме толчи ко змија по глава.
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)
Граничната артилерија уморно толчеше по нив.
„Светилка за Ханука“
од Томислав Османли
(2008)
Прстот кој од забава понекогаш му го ставаше во устата а тој со сласт длабоко го вшмукуваше, еднаш велејќи дека има вкус на толчено морско оревче, друг пат на киви, сега му предизвика мачнина.
„Сонце во тегла“
од Илина Јакимовска
(2009)
а кога ќе излезеш на горниот крај од планината, долу веќе нова шума пролистала, млада младица, кревка, марула, други ластари се подале и ти само се преместуваш и пак јадеш, само по една широка бука за сенка си оставаш, и јас не сакам така да мислам, вели Стеван Докуз ама нешто ме тера, којзнае во која длабина е скриено тоа што ме тера, дали некаде во мевот, или уште подалеку и подлабоко, а јадењето не е еднаш и не е за еднаш, кога би можело да се најадеш само еднаш и тоа цел живот да ти држи, сто години да не мислиш за јадење, само си работиш, ама зошто да работиш тогаш, си мислам, што ќе правиш со сработеното, ќе се чешкаш, ќе се чешлаш, и зошто ќе ти служи устата, зар само за да ја поганиш, и таа треба со нешто да се подмачкува, да се проветрува, ќе ти скапат забите од неџвакање, од неработа, ќе ти фати пајажина, вели Стеван Докуз и џвака некое чкорче, го толчи, го цеди, а јадењето никогаш не му се познава, никаде да му се види јадењето, дали нешто во него му го јадеше, дали за два-тројца јадеше или му го земаше некој црвец, некој скриен молец во него или некоја друга заседната болест,
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
Ги толчеа најубавите куќи, а ја столчија пред мои очи и пред очите на таткото на Алегра и нашата синагога, онаа со двете кули во матроски риги и личните кубиња на нивниот врв.
„Светилка за Ханука“
од Томислав Османли
(2008)
А сонцето си стои на средина од небото, не се помрднува. Само те толчи со петицата. И тоа врши.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
Секогаш им носеше да сварат од кафето што им го додаваше дубровчанецот, а што таа толку долго го толчеше со тешката ќускија од која рамењата ја болеа.
„Вежби за Ибн Пајко“
од Оливера Николова
(2007)
Твојот народ тука е толчен! Врз него незаситно се заканува разурнувачката моќ на омразата.
„Големата удолница“
од Петре Наковски
(2014)
Го изнесоа и Бошка од креветот и креветот го посолија со некоја прашина, како ќуќур, како толчена вар.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
Зборовите најпрвин се кршеа на делчиња, па се толчеа, се загреваа на алуминиумска фолија и потоа се вдишуваа, како најфин парфем.
„Сонце во тегла“
од Илина Јакимовска
(2009)
Грижите на работата во Комесаријатот му го толчат мозокот и штом ќе има малку послободно време, мислите му се ројат како пчели во темна кошница и тогаш почнуваат неговите неиздржливи главоболки.
„Светилка за Ханука“
од Томислав Османли
(2008)
Старешините молеа, преколнуваа, метанисуваа да не се пусти селото, да им остави срок од пет-шест, десет дена, да толчат глави, да продаваат, да се заборчуваат, да соберат нешто пари, нешто стока, да се откупат, но ништо не помогна.
„Калеш Анѓа“
од Стале Попов
(1958)
Мислата влече назад во времето одминато што сал за миг се претвора во јаве, живнува празнината и ги разбудува спомените кои небаре врзани во синџир надоаѓаат, стегаат, гребат, толчат, гмечат, жежат и навејуваат тага.
„На пат со времето“
од Петре Наковски
(2010)
Сонцето удрило в теме, те толчи, те цеди.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
— Имаше право Митре, бидејќи овие војници што беа спроти него не беа некои други ами неговите селани — мариовци, што ги дотераа Бугарите да се толчат еден спроти друг, како тие со брата си Петрета.
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)
- Што толчи, овој, вода во аван? - Ти тежела болката, му велам јас, овдека нема вапери...
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
Кога пак ќе земеше Калија, например, да утлеисува, да го разгорува ќумурот во железната утија: или кога ја креваше жешката црепна вадејќи го врз пирустијата табакот со зелник: кога ќе се забревташе толчејќи со ќускијата слануток: или кога ќе се наведнеше полека и растреперено врз ковчегот со невестинската руба во кој сѐ уште имаше дел од чеизот, е тогаш, Бошко гледаше како шафранот од нејзиното лице станува божур, а белузлавите очи како трчаат од далечина и почнуваат да светат како жеравици.
„Вежби за Ибн Пајко“
од Оливера Николова
(2007)
Натрупан од селаните, убиен, како што беше бил толчен и убиен со камења мојот далечен предок Никола Поцо.
„Бунар“
од Димитар Башевски
(2001)