тоналитет (м.)
Тогаш низ просторијата како во хор се разлеваа гласовите кои молеа да заминат од Гнездо: меѓу ѕидовите одекнуваше композиција за човечки гласови со молби, со жалби, со уверувања; се мешаа десетици гласови во таа композиција во која се испреплетуваа различни ритми, тоналитети, брзини, а помеѓу разговетните зборови одекнуваа и нејасни мрморења и врисоци, и чудесни звуци од штракањето на забите, од брмчењето со усните, од повторувањето еден глас, од имитирањето на звуци какви што можат само во некаков сон или некаков кошмар да бидат чуени, па некаде отаде зборовите се чувствуваше судбината на оние кои зборуваа, кои офнуваа, кои брмчеа, кои штракаа, кои мрмореа и врескаа.
„Сестрата на Сигмунд Фројд“
од Гоце Смилевски
(2010)
Во таа уметност, на стари ноти, во познати тоналитети, наместо за прекуморско писмо од љубената, се пее за мобилен телефон; наместо за параходот што заминува, се пее за семафорот што го разделил љубовниот пар, оти таа минала на зелено, а тој морал да сопре на црвено; се пишуваат дебилни романи во кои една иста жена, Македонка, трипати ја силуваат, за петнаесет минути, еден по друг, српски, грчки и бугарски капетан, па со тоа се изразува трагизмот на македонската жена и на македонската нација поделена меѓу три аждери што сакаат да ја лапнат (притоа, овој раскошен дебил од писател не ни помислил дека на жената можеби ѝ е убаво со тројца, особено што сите тројца едвај издржале петнаесет минути, што за здрав маж е одвај десетина од сексуалната игра (овде намерно го натценував траењето на сексуалната игра, за да ја пленам Луција; очигледно, уште ми значеше, и покрај сѐ што ми стори).
„Папокот на светот“
од Венко Андоновски
(2000)
Овие последователни модулации го водат увото во сѐ подалечни тоналитети, по што човек добива впечаток дека се оддалечува од почетокот без надеж за враќање.
„МАРГИНА бр. 17-18“
(1995)
Фугата е слична на канонот дотолку што во најопшт случај се базира на една единствена тема која се свири во повеќе гласови и различни тоналитети, понекогаш со различни брзини, од горе надолу или наназад.
„МАРГИНА бр. 17-18“
(1995)
По точно шест модулации, како по некаква магија, канонот се враќа во почетниот тоналитет: C мол.
„МАРГИНА бр. 17-18“
(1995)