туѓина ж.

туѓина (ж.)

Мајка ми која го преживеа крлежот во увото во планинско село во минатиот век и пукнување на слепо црево во интернат во туѓина каде што ја идентификувале со плочка со бројче околу вратот далеку од дома и од родителите, почина на клиниката која е на десетина метри од моето работно место во истиот момент додека на брифингот се фалевме колку се успешни реформите во здравството.
„Ласа“ од Наташа Димитриевска Кривошеев (2011)
Меѓу нив и такви кои штотуку се вратиле од печалба и сноват нови сонови за заработка во туѓина.
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
Се подразбира дека потем ќе испратам и електронски одговор во татковината - да не би да папсам во туѓина од толку многу тајни во музиката на ѕвездите од татковината.
„Кревалка“ од Ристо Лазаров (2011)
Така е и со враќањето од туѓина, свртената страница си останува свртена.
„Ервехе“ од Луан Старова (2006)
Го праша како е со здравјето, како си помина на туѓина и којзнае уште колку прашања ќе му поставеше да не стаса кафето и да не го ѓибнеше на најосетливата жица.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Мала е радоста што ја носат спечалените пари за да ги ублажи оние маки кои печалбарот ги трпи во туѓина и немаштијата што ја трпат оние што остануваат дома.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Се најдов во позиција да ја бранам земјата во туѓина, која однатре беше жестоко напаѓана и оспорувана.
„Амбасади“ од Луан Старова (2009)
Библиотеката ни беше оставена во наследство во туѓина, по сѐ што изгуби семејството во родната земја.
„Атеистички музеј“ од Луан Старова (1997)
Кај се чуло или видело, дури и во големи семејства, девојка да замине да студира во туѓина, дури во Италија или во Австрија, во Букурешт или во Цариград, кај што можеа да одат само момчињата.
„Ервехе“ од Луан Старова (2006)
Сликата – една од водечките и најценети достоинства на современата македонска поезија е облик низ кој мислата се мачи да го скамени невидоизменето нашето некогашно време; впечатлива слика на разделбата со оние што одеа на туѓина, сликата на велигденското оро, сликата на жетвата се составки на духовниот пејсаж на македонската географија и обраќањето кон неа не значи враќање кон нејзиното време туку протест кон духовната унификација што произлегува од нашата инертност.
„Љубопис“ од Анте Поповски (1980)
16. КОГА Е В ТУЃИНА И СОКОЛОТ ГО ВИКААТ ВРАНА - не оти на туѓинците со јазик неразбирлив им грачи, туку оти со крилјата поткастрени тој таму и станал но бела врана на другите птици јајца да им квачи...
„Куршуми низ времето“ од Љупчо Стојменски (1976)
Ни ја остави, се разбира, и азбуката на доброто и злото а ќе ја паметиме и нејзината граматика на нестивнатиот копнеж по најмалиот син далеку, во туѓина. (Како да ѝ остана подотворено едното око - белки ќе го види пред гробарите да си ја завршат својата работа)
„Кревалка“ од Ристо Лазаров (2011)
Младите и оние на твои години се протегаат на туѓина, ама во себе.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Стравуваше, еден ден, тој да не споулави од толку читање и заборавање на вистинскиот живот, да не му се случи како на едно друго дете од соседството кое, заминато во младоста во туѓина, во Романија и во Австрија, се врати со многу книги, а заврши зборувајќи си, со денови, самиот со себе чекорејќи брзо крај Езерото и служејќи им за потсмев на суријата деца.
„Ервехе“ од Луан Старова (2006)
А романите Ова е мојата татковина, Мојот Американски аџилак и Орелот и штркот ги обработуваат темите од животот на македонските печалбари во Америка, а во ретроспектива авторот врши анализа на состојбата во Македонија и на искуството, доживувањата и психологијата на Македонецот во својата татковина и во туѓина.
„Невестата на доселеникот“ од Стојан Христов (2010)
А ако в туѓина останеш и таму завршиш, коските никогаш не ќе ти ги стопи туѓата земја и од нив душата не ќе го најде излезот небески...
„Патот на јагулите“ од Луан Старова (2000)
Мирисот за земјата од која никна го довлече од туѓина со куп безвредни признаници на своите должници, се врати сиромав како што отиде, стар, болен и преплашен од животот, до крај нејасен за луѓето со кои се сретнуваше.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Гладот, немаштијата, ограбената земја од туѓи и домашни сајбии како остен ги дупеа и ги гонеа во туѓина...
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Никој не можеше да поверува дека ова навидум банално прашање за османскотурскиот јазик на баба Хазбије во семејството што го одгледа и подигна, со текот на годините нема да престане да нѐ следи во текот на долгите години во туѓина, Татко посебно.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
Тој сега сакаше да раскаже како живеел и што видел во туѓина и што донел во куферите оставени во опустената куќа од која отиде пред неколку години преку мориња кон непознати земји да ја пресметува во себе големината на планетата.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Повеќе