ужина (ж.)

Нема мојот син за повисока цена да ја јаде истата ужинка, а потоа да ми вели дека го болело стомачето. Кутрото дете.
„Вител во Витлеем“ од Марта Маркоска (2010)
Чакарвелика како да живна. Се разоди низ анот и по дворот, самата за работа се фати, децата како аргати ги хранеше со појадок, со ручок, со ужина и со вечера ги гостеше од она што го имаше или некаде го наоѓаше.
„Будалетинки“ од Мето Јовановски (1973)
Веднаш испратија двајца војници в село да донесат копачи, и уште во истиот ден до ужина каналот беше откриен и водата секна во тврдината.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Околу ужина излегоа сватовите да играат во дворот, а веќе и невестата ја изведоа деверите од земникот.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Крсте се сврте ничкум, ја кладе главата на голата земја и долго, долго се мисли, додека најпосле заспа за да се разбуди кај ужина.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
И цвекло јадам, и ужинката, дури и лебот со мед.
„Јас - момчето молња“ од Јагода Михајловска Георгиева (1989)
- Да оставиме малку и за ужина, му велам на Јон за да не викнам од болка. Маштеница има малку, велам.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Денот прекршил, веќе е голема ужина.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Мацко чекаше да му дадат ужина, чекаше ручек, но никој ништо не му даваше за јадење.
„Раскази за деца“ од Драгица Најческа (1979)
- Марија душо - ѝ се обрати Клер на својата хиерархиски потчинета колешка - овде во фактурата пристигната од училиштата, цената на ужинките е значително покачена од минатиот месец.
„Вител во Витлеем“ од Марта Маркоска (2010)
— А вие денеска ќе излезите до Црничка пресоп, ќе лежите по ридот и околу ужина ќе ме чекате на локвите. Ги знајте, нели?
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
- Што направив, ќе ти кажам кога ќе слезеш долу од чатијата - рече Трајче и влезе во куќата, каде што мајка му готвеше ужина за мајсторите.
„Волшебното самарче“ од Ванчо Николески (1967)
На ужина Трајче стаса дома.
„Волшебното самарче“ од Ванчо Николески (1967)
Додека Мо, размислуваше дали Вици се гледа со некој Вени ... едни земји излегуваа од рецесија, за потоа да влезат во свински грип, Џералдин се разнесе во супермаркетот каде не можеше да го најде својот Бог, Марио и Славе продолжуваа да се тепаат за школската ужинка, General Motors отпушти 10.000 работници, Лира и Вања се кубеа за коса, за тоа која - чиј дечко земала, бројот на жртвите во ураганот Катрина достигна 1836, Во Церн сѐ уште преговараат дали после експериментот, Земјата ќе ја голтне црна дупка - веднаш или неколку дена потоа?
„Вител во Витлеем“ од Марта Маркоска (2010)
Визија: уметност На почетокот - сад полн сотки медена, млечна ужина.
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)
Дури една сабота иде кај Пушмарка, Долзите, Зојчевци, Даута, Желчевци и други прилепски баздриѓани претставител од Челебон од Витола, Аврам Ароести од Скопје, другата сабота идат од Фараџи од Битола, Давида Леви или Мушон Кастро од Скопје и со дикат им ги прибираат, околу ужина, собраните лири и наполеони на прилепските трговци, а овие прават нови порачки.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
И пазарот се свршува докај ужина, но нашите свадбари ќе преноќеваат и оваа ноќ, да се почестат и вечерва со тава риби, оти света Петка не дава мевце. A за винце — пак ќе се напијат, ако им остане по некој динарец од денеска, ако не, ќе запише Селчанецот, тако што запиша и Мечето од Пушмарка.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
„Добро смирете топка, да кренеме весниците, да измиеме раце. Мама Зата ни подготвила ужина“, рече Влатко.
„Тополите на крајот од дедовата ливада“ од Бистрица Миркуловска (2001)
Кон ужина пристигна и засилувањето на Бахтијара и со него Велиага од Маково со своите катили, кој од „Бучкур" почна да му вика на Толевиот четник и другар Петка Кормакот од Маково: — Предај се Петко, брееееееј!
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Од така потопениата во вода `ржаница, откако добро ќе искиснеше, наредниот ден, околу мала ужина, правеа јажици и тоа, правењето на јажици,како и врзувањето на снопје со нив, беше мајсторија што не знаеше секој да ја прави, туку само најопитните.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Повеќе