утрешен м.
утрешен прид.

утрешен (прид.)

Утрешните весници ги читаме уште пред да осамне денот.
„Зборот во тесен чевел“ од Вероника Костадинова (2012)
На крај решив да се помирам со чудниот човек и да се молам дека при утрешното спортување во влезот нема да го сретнам тоа бедно суштество. ***
„Читај ми ги мислите“ од Ивана Иванова Канго (2012)
Утрешниот ден осамна во сонце и сино небо.
„Белиот јоргован“ од Хајди Елзесер (2012)
Денес што е за подбив и смешка Со утрешна смисла в миг го озаконува.
„Слеј се со тишината“ од Ацо Шопов (1955)
Тој побара три цени, та овие веќе му дадоа една и пол, но Петруш и понатака се колне во денешна света Петка, утрешна света сабота, други денешна света недела и сите годишни светци, си ја пцуе по десетти или стоти пат мајката оти не сака од нив да печали, и исчепкува уште една четвртинка од вредноста, убедувајќи ги своите пријатели дека им ја дава стоката „под зијан, само и само да не ги пушти на друго место, да им услужи, и да не речат прилепчани оти на Петруша му избегале муштериите и отишле на готов пазар кај комшијата Плашета.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
За денот денешен ама и за утрешен. Утре ќе е Велипеток.
„Молика пелистерска“ од Бистрица Миркуловска (2014)
Додека се сушат испраните мозоци спрострени под светло на мониторите, колпортерите разнесуваат утрешни детергенти за денешните флеки.
„Зборот во тесен чевел“ од Вероника Костадинова (2012)
Кое од чадот, кое од испарувањето на утрешната роса, тоа беше поклопено со танок слој и како преку коприна се наѕираа ниските чифчиски кошари.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Климент Камилски до доцна во ноќта пребаруваше во своите речници и енциклопедии, книги и поранешни записи, за да ги одреди петте навистина опасни зборови, во продолжение на петте третирани, во утрешната средба со Татко која беше закажана кај него.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
- Да не ме раздени ако не го видов, велам, утрешен да ме отепа. Денот да ме отепа, велам.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Останал неподвижен и со раширени раце и уште повеќе сличен на црн крст. сигурен дека сѐ му припаѓа во таа ноќ пред големата утрешна битка во која над него ќе стојат други со поголем чин и попризнанена војничка мудрост, офицерот тогаш ошол да го земе коњот да го попжвлече за узда кон себе, да им ја открие на војниците својата љубов кон животните или, просто, да им ја покаже умешноста на скротувањето. И го сторил тоа.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Му велам јас на човекот мој: - Море Јоне, не верувам ова да остане, велам, не верувам утрешен да го дочека, да го раздени.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Мартинките на двајцата светеа на утрешното сонце кое тукушто се пробиваше преку гранките на борјето и ја гонеше седата покривка од нивните „коси".
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
И токму една ноќ Митре со двајца свои другари кладе мамец на стапицата (еден сомун и на него книжулче со натпис: Бегај Гано од мое Старавина оти мајчето ти го расплака ако ми падниш в рака), и еве ти ги во утрешната мугра двајца „Гановци" на мамецот, а Митре со другарите кои преседоа цела ноќ на „пецање" им се фрлија одзади.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Неколку гости во една кафеана се засркнаа, згадени од неговата постапка, па Ц задоволен од исходот тргна кон својата куќа планирајќи го новото утрешно заљубување.
„Азбука и залутани записи“ од Иван Шопов (2010)
Можеме да зборуваме и без да се видиме. Но за што? Не знам, признав. За утрешниот плисок од облаци?
„Пупи Паф во Шумшул град“ од Славко Јаневски (1996)
Се будеше, заспиваше со мислите кај него, замислувајки ја утрешната средба, разговорите, погледите, местата кадешто ќе се шетаат.
„Белиот јоргован“ од Хајди Елзесер (2012)
Тој се спружи под покрив до сестра си Верка, се занесе во мисли за утрешниот ден и заспа.
„Послание“ од Блаже Конески (2008)
Човекот- ѕвер бил поитар од животните. Еднаш, ноќе, влечен од алчност, зад гробиштата на селото тој убил свое чукаре и веднаш ја нурнал муцката во пресните дробови на добичето, на тој црн ангел за утрешни ораници.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Утрешната вечер требаше да излеземе. Беа договорени сите другари од друштвото на Стомачето. Ме праша дали да ја викнеме Елентина.
„Знаеш ли да љубиш“ од Ивана Иванова Канго (2013)
Повеќе