фазла (прил.)
– Разорав баеги ледини од чифлигот, та ќе ми требаат уште два чифта волови, а за луѓе, нека се живи каурките, родиле доста синови за нашите чифлизи. – Навистина ефендилер, немате ли некој каурин фазла да ми дадете за работа?
„Калеш Анѓа“
од Стале Попов
(1958)
Имаше повеќе работа со прилозите за количина, тој овде запре на заемките: баеги, прилично, доста; ич, ништо; ексик, помалку од мерата; ептен, сосем, наполно; коџа, прилично, доста, многу; тамам, точно по мера; фазла, повеќе, и други.
„Балканвавилонци“
од Луан Старова
(2014)
15. Колку и да се склукаш со историја Не можеш да избегаш од сегашноста Беше рекол некој умен И јас му верувам Оти на своја кожа знам Дека колку и да се клукам со еукалиптус Не можам да избегам од соништата А сегашноста се полни со стари соништа Ѓоа надградени и надополнети И по секоја преродба се прогласува нова преродба Во долината на среќно преродените Никнуваат нови цркви и џамии Со ниет да бидат уште постари од најстарите На сека ритка никнуваат и големи крстови Колку крстови толку неразгатнати крстосници Никнуваат богами и нови затвори За затвореници колај работа ќе се најдат и фазла При толку бујна стварност Поетите цапаат во Петреви Вирови Колку поети толку друштва на мртви поети Сега секоја суша вели дека животот е некаде другаде Што впрочем се гледа и од брановите нови доселеници Макар што во последно време другаде не им е Австралија ами Италија Каде што се преселуваат цели села од долината на Радика И таму си формираат нови населби со роднокрајните имиња Сега засега не се чуло ни разбрало Како стојат таму со цркви џамии и настава по веронаука Но мене ме загрижува тоа што ако тој пат го фатат иселениците Нема да има кој да се доселува во Австралија А без новите доселенички приказни од Цапари Животот тука би бил ептен здодевен Како што е здодевно тука летно време Кога децата на доселениците одат во стар крај Да научат троа од мајчиниот јазик А како бонус им доаѓа што ќе научат Како се поставуваат светски рекорди во брзо донесување закони А тоа воопшто не е како олимписка трка во брзо одење Зашто таму каде што има брзо ломотење нема брзо одење
„Сонот на коалата“
од Ристо Лазаров
(2009)