цреша (ж.)
Седам во тремот додека наближува дождот него летните запурнини го навестуваат премалените треви пеплосаните лисја на црешата лепливите мириси на летото.
„Липа“
од Матеја Матевски
(1980)
Се разведри малиот круг на градината спуштениот нимбус на црешата пред очите на човекот.
„Липа“
од Матеја Матевски
(1980)
Зар ја паметите гранката од која во најраното детство имате берено цреши?
„Синот“
од Србо Ивановски
(2006)
Гласот престана и лошо велеше знакот Во спротивна насока од времето летаа птици И црешите што пред тоа фрлија плод изгореа.
„Камена“
од Анте Поповски
(1972)
На нив како на божиќно дрвце висеа румени цреши.
„Улица“
од Славко Јаневски
(1951)
Црешите беа сосем зрели и црвени висеа на дрвјата.
„Зоки Поки“
од Оливера Николова
(1963)
А потоа Зоки сам си скина една цреша и долго време ја задржа во својата рака, нежно и меко како да држи малечко пиленце.
„Зоки Поки“
од Оливера Николова
(1963)
Така велел талмудот, сетики за луѓето кои пред да бидат смачкани не цутеле како цреши.
„Светилничар“
од Ристо Лазаров
(2013)
Меѓу остатоците од црешите пресадени тука од зад девет мориња белиот папагал понекогаш ќе проголта и некое купче исушени зборови, без јатки.
„Кревалка“
од Ристо Лазаров
(2011)
И наеднаш врне дожд тој тече по долгите опуштени лисја на црешата трепери по ливчињата на јасиката го мекне липиното цвеќе и тремот станува трем на шумска колиба сред летна луња.
„Липа“
од Матеја Матевски
(1980)
А потоа црешата повеќе не беше стомна.
„Зоки Поки“
од Оливера Николова
(1963)
Најпосле ја изеде црешата, ја исплука семката и откри уште дека таа цреша е и многу вкусна за јадење.
„Зоки Поки“
од Оливера Николова
(1963)
Нејзините силни раце ја претвориле некогашната нива за компири во ова волшебно заградено земјиште, со цветни и зеленчукови градини, со дрвја преполни со цреши, круши, јаболка, кајсии и праски, лозници, кои не само што правеа сенка во лето, туку и ја полнеа трпезата со деликатесното овошје и бочвите во визбата ги полнеа со својот ферментиран сок.
„Невестата на доселеникот“
од Стојан Христов
(2010)
Тогаш од пепелта на самотијата се зададе Давид, на мнозина им се стори малку подгрбавен и омлитавен, киниса средполе, однапред отпишан и прежален од сите, да му се истопори еден на еден на титанот, мечка страв мене не страв, нешто си мрмореше самиот на себе додека ја токмеше прачката, срдито си велеше доста тука се пееше прачка имам кураж немам, време е да има варено млеко за нашите деца, време е на пазарите да има и цреши без црви и со црешови семки да се запише дека тука нешто вистински постоело.
„Светилничар“
од Ристо Лазаров
(2013)
Во тој ист вторник, иако очајот и плачењето не стивнувале, жените, дури и оние самохрани леунки и трудни вдовици наполниле неколку карти со ракија од диви круши, од грозје и од цреши и натовариле на две магариња дисаги со леб и лук, па една по друга, секоја со запалена борина во рака, пошле да ги пречекаат последните од дружината; да ја плашат со оган и писок чумата или улерата, болештина што им била позната на дедовците, еднаш, којзнае кога, додека и пците бегале од злото и се јазеле по врели карпи далеку од сите човечки патила, и побеснувале, и станувале гозба на волчи свадби или се здружувале во глутница со ревење да ги заплашуваат чобаните и бачовите.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Под мене се растурија црешите - прилегаа на капки крв.
„Улица“
од Славко Јаневски
(1951)
Бевме мали, братчињата, сестричките и са зима молевме да оздраве мајка и пролети некаде кога прошета низ дворот како дечиња се разиграа црешите на гранките а гласот мајкин светкаше меѓу нив како некоја заповест од светата книга, како ѕвезда Давидова.
„Љубопис“
од Анте Поповски
(1980)
Мириси на диви костени во зима, расцветани липи и багреми во пролет, гриз од најцрвените цреши и плав хоризонт во лето, златна боја и мирис на зачини во есен.
„Жонглирање со животот во слободен пад“
од Сара Трајковска
(2012)
Пријателот го подигна на раце и тие заедно почнаа да берат цреши во една чинија.
„Зоки Поки“
од Оливера Николова
(1963)
Освен површините со пиперки и домати, имаше други со бланучки опојно миризливи и благи, а кога тие завршуваа се појавуваа јаболкца петровки што го немаа вкусот на бланучките, додека ѕарѕалините онака убаво пожолтени и со темни дамки од сончевата страна имаа уште поубав вкус и од бланучките, па сѐ до црешите, праските, грозјето.
„Црна билка“
од Ташко Георгиевски
(2006)