црно (прил.)

А сега остана само еден насмеан лик црно урамен над прагот и над столбовите и една голема тага висната од балконот студен мразулец забоден во градите на земјата каде се растура во ништо една прашинка од човек
„Дождови“ од Матеја Матевски (1956)
За тоа катаден ги потсетуваше натписот над влезната порта и оџакот што без престан црно димеше.
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
Не верував дека Онисифор со белег на лицето не ја забележа преплашеноста на моето лице и замагленоста под клепките над кои орлите и небото се измешаа црно и сиво.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Оти околу куќите сѐ е црно од алиштата.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Влегов во мрежата за работа на црно со жените од Прифатниот центар за странци, а тоа беше спротивно на мојата борба за човековите права. Тоа ме уби.
„Полицајка в кревет“ од Веле Смилевски (2012)
Ако изгубат комунистите, а тоа со американска помош е сигурно, тогаш на твоите Македонци само црно им се пишува...
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
Сѐ уште се обидуваше да не гледа многу црно на работите, сѐ уште очекуваше ноќеска небото да се доистресе, да се истури по земјата, правејќи простирка подебела од половина метар.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Треба да најдеме време да го обоиме сонот и животот, не црно бел, туку со сите колоритни бои и нијанси, Да си направиме свое интимно светилиште и да не дозволиме да ни биде украден сонот и животот.
„Жонглирање со животот во слободен пад“ од Сара Трајковска (2012)
Така еднаш цела недела небото ту беше црно, ту сиво, далеку се слушаа грмежи.
„Постела на чемерните“ од Петре Наковски (1985)
И таа доаѓаше, и овојпат ноќта влета во неговиот прозорец, бесшумна и невидлива, а кога се освести од дремливата занесеност со таа книга, во прозорецот веќе беше црно.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Знаеш дека сѐ е завршено, сѐ е готово, во тебе се одвива погреб, во твоето срце, со луѓе во процесија облечени во црно, тие го оплакуваат умрениот, а тоа си ти, а ти сѐ уште си жив.
„Невестата на доселеникот“ од Стојан Христов (2010)
Тој и самиот не знае каде припаѓа според квалитетот на своите творби, дали да прифати да биде на список на некој ад хок приватен галерист кој работи на ситно и на црно (приватните галеристи во Македонија нужно се детерминирани во својата работа од нерегулираниот даночен систем, поточно на сѐ уште нерегулираните даночни олеснувања за вложување во откуп на уметнички дела) или да очекува некое општествено признание и државен откуп.
„МАРГИНА бр. 36“ (1997)
Тоа, според него, се довлекло на ребрест мев од непозната Арапија, сега го ора нивното отечество и не јаде желад, како што не ќе јаде подоцна ни трупки ни моркови, туку бара мевце, жили, души, до последната педа во црно ќе ја завитка земјичката.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Пенчо се понаведна кон мене; забавувајќи ги чекорите се насмевна од краевите на немирните очи. Црвено ме гледаше, црно говореше.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Што призива овој `рѓосан меч, Ова црно рикање на добиток во летна ноќ, Што сака да каже оваа лузна на душата?
„Љубопис“ од Анте Поповски (1980)
Лицата им се грчеле - црно и бело, биле ту негатив ту позитив на една глава. Мртво гледале кон трите запреги.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Сите се накусо потстрижени и, од глава до петици, во црно.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Помладиот му ги преброи парите и сакаше да ги стави в џеб, но постариот со црното брадулче, му ја тргна раката и му рече нешто.
„Волшебното самарче“ од Ванчо Николески (1967)
Црно ти лафење, отиде десет оки сирење — десет банки, цела франга и повеќе, ама Петруш ја изведе работата мајсторски; човекот се засрами пред луѓето и му го „ариза" сиренцето, а Петруш продолжи да се пазари со свадбарите:
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Сега, листот воврен во валјакот не беше празен, на него гледам црни редови во низа, се влечат надолу еден по друг, треперат црно и болскотно, како што треперат ѕвездите на небото.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Повеќе