чаршија ж.

чаршија (ж.)

Јас се качив на мотор и веднаш си летнав низ Прилепска чаршија, со моторот шетнав.
„Поетски блесок“ од Олга Наумовска (2013)
Воопшто не ми се спиеше иако бев изморен од претпладневното шетање низ Бит-пазар и Стара чаршија.
„Јас - момчето молња“ од Јагода Михајловска Георгиева (1989)
Вчеравечер уште беше рано Низ калдрми тргнав пеш по градот Та здогледав едно купче збрано Деца, кај цртаат плочка Недалеку од плоштадот Ме понесе патот кон чаршија На мостот лошо реконструиран Човек ко мене пензиониран со жената стојат од каршија Ги поздравив и ми возвратија А кучиња скитници пријателски До следниот мост ме испратија
„Сите притоки се слеваат во моето корито“ од Марта Маркоска (2009)
Така мораше да се случи и со газдата на арабаџиите и покрај релативно поволните информации што ги доби за него верскиот поглавар Афз Б од доверливи извори од старата чаршија и од оџата на најголемата џамија во градот.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
Ќе ги оставиме речниците. Ќе излеземе во стариот дел на градот, по тврдината, во старата чаршија да видиме дали уште живеат османските заемки!
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
Сѐ што знае тоа се неговите познајници од маалото, чаршијата и селаните пазарџии кои доаѓаат во пазарните денови.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Тие вистински му недостигаа на пејзажот на денешната чаршија.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
Штом се вратив од чаршија ја фатив мрзата за шија цел ден по сокак дрдорела сармата скроз ја загорела Куќата цела ко кочина не можев да отпочинам филџани стојат на масата а мрзата мрсна небањата Нервозно кренав паника и сукало дебело заигра комшилук сеир гледаше назад кај татко бегаше
„Проклетници“ од Горан Јанкуловски (2012)
Оковани во прангите, со белегзиите на рацете и синџирите на гушите, ги помина неколку јаничари низ Стамбол но тука не предизвикаа некое големо љубопитство кај луѓето низ чаршијата, бидејќи вакви појави во Стамбол не беа реткост како во малите гратчиња во провинциите.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Во старата чаршија, имаше и немалку дуќани и стари градби градени со ќерпич, односно со сушени тули, а не со печени цигли.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
Лутавме таа зима низ старата чаршија.
„МАРГИНА бр. 26-28“ (1996)
Чаршијата на свој начин го задеваше и улаво му го изопачуваше јазикот.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Дури најдов за потребно два-три пати да потчукнам со железцата на петите по калдрмата на Стара чаршија.
„Летот на Загорка Пеперутката“ од Србо Ивановски (2005)
Филигранството или кујунџиството претставува вид уметнички занает, кој најдолго го одржува во живот живиот дух на чаршијата.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
Слегнеш ли долу в чаршија, минеш ли покрај дуќани - пукот и врева - работа и алат полно чекмеџе!
„Бели мугри“ од Кочо Рацин (1939)
Холограм! Кажи ми нешто за Турскава чаршија која за инат засекогаш ќе ја нарекувам Турска, ко некаков мал јазичен пиетет кон Турците што ги истеравме пеесетите.
„МАРГИНА бр. 22“ (1995)
Чаршијата за половина час заличила на пустина. Занаетчиството и трговијата престанале да функционираат.
„Солунските атентати 1903“ од Крсте Битоски (2003)
Градот и чаршијата биле затворени. По улиците никаде жива душа, освен војска.
„Солунските атентати 1903“ од Крсте Битоски (2003)
А кога дојдоа нашите, се примири некаде, како под женски скут, и додека сиот град излезе на улици тој не се појави во чаршијата барем да си ја обие својата бутка, сѐ додека не го дочека синот во партизанска униформа.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Во гратчето го нарекоа Луда Мара, зашто знаеше и да им ги поплави дуќаните на занаетчиите и магазините на трговците, во чаршијата на двата брега од реката.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Повеќе