чепка (несв.)
Ќе чепкаме така цел ден по логорските економии и вечерта пак ќе отрчаме кај оградата.
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)
Само уште дедо Бошко седеше крај огништето во големата чадлосана одаја со земјено душеме и чепкајќи го лулето што го имаше допушено, нешто си мислеше.
„Луман арамијата“
од Мето Јовановски
(1954)
Експертите по сликарство, спротивно, откако со пробивен поглед, низ трепките или окалките, ќе се здобијат со општ поглед, односно впечаток за сликата, му се доближуваат на платното со бесшумен чекор на ловец кон дивеч и со око како лупа во едната а со нокот како пинцета во другата рака почнуваат да чепкаат по боите а особено под боите, во потрага по тајната или прелагата на мајсторството.
„Синовски татковци“
од Димитар Солев
(2006)
Не смееш и заб да чепкаш пред децата. Ќе си мислат дека нешто јадеш...
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
Нејќам јас да чепкам мечка со сламка.
„Чорбаџи Теодос“
од Васил Иљоски
(1937)
Шеташе помеѓу масите, си го чепкаше носот и се чешаше меѓу нозете, обидувајќи се да им го згади ручекот на гостите кои му го окупираа тротоарот.
„Азбука и залутани записи“
од Иван Шопов
(2010)
Оторбешено седнат на дното на ровот, на сувата, прашлива црвеница, со нозете расчекорено испружени вдолж пред него, Шишман или копаше со петицата или со нокти чепкаше пред себе како некое куче што готви криење на коска.
„Будалетинки“
од Мето Јовановски
(1973)
Едниот подзастана и се сврте кон нас, наслушна внимателно, заврте лево – десно со главата и продолжи да чепка нешто околу огнот. Другите изгледа сѐ уште немаа ништо забележано.
„Игбал, мојата тајна“
од Јагода Михајловска Георгиева
(2000)
Ме налути кога видов дека, чепкајќи, ми го отшрафи задното светло, а тамам вчера конечно го однесов на мајстор да ми го монтира.
„Игбал, мојата тајна“
од Јагода Михајловска Георгиева
(2000)
Првин почна да ги чепка алиштата, како да бара болви во рабовите и во веѓиците, а потоа се загледа, нагоре, во гредите.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
И чепкаше и распетлуваше сѐ што станало, повторуваше една иста случка во различни нијанси.
„Пустина“
од Ѓорѓи Абаџиев
(1961)
Половина час подоцна се врати маслинестиот господин, мирно седна во својот ќош, чепкајќи ги со чепкалката задните заби.
„МАРГИНА бр. 2“
(1994)
Ѕвонењето на шината го прекина намнисувањето. Жените стануваат, чепкаат по своите торби и тргнуваат накај казаните на обед.
„Постела на чемерните“
од Петре Наковски
(1985)
Тие фрески се измиени со неговата крв. Не можам во нив да чепкам.
„Одбрани драми“
од Горан Стефановски
(2008)
Чепкаат во тоа што го поминале по планињето, без престан ги бараат виновниците за изгубената рака, нога, големите лузни, за опустошените села и уништените куќи, за осакатените и загинатите, за изгазената верба и лажните ветувања, за удолницата што ни ја направија многу стрмна и по која сѐ уште не сопираме...
„На пат со времето“
од Петре Наковски
(2010)
Со бавен чекор Пандо тапка пред себе, чепка со патерицата во глогот што расте крај патот.
„Постела на чемерните“
од Петре Наковски
(1985)
И тивко, колку за себе, слушајќи го говорот на Високиот, вели: - И така натаму и така натаму... куцо петле на ист плет пее и на исто буниште чепка...
„Постела на чемерните“
од Петре Наковски
(1985)
Бам... и смрзнаа сите мисли, гавраните, кои чепкаа и колваа црви во земјата пред рововите, полетаа грачејќи...
„Големата удолница“
од Петре Наковски
(2014)
Седум генерали, ни големи а ни мали, под еден се мустаќ тежок; раце шират - в преграб жежок го стискаат царот питач, со него и принцот клепкав, царицата боса, лита, принцезата нос што чепка, танка и со фустан скинат, и уште и песот царски, со некоја муцка луда, но со меч и пелерина...
„Најголемиот континент“
од Славко Јаневски
(1969)
1. НЕ ЧЕПКАЈ ПИШТОЛ, МОЖЕ И ДА ПУКНЕ - па макар и од мака дека куршум нема.
„Куршуми низ времето“
од Љупчо Стојменски
(1976)