шепа (ж.)
Продолжи првин со одење, во кое имаше и демнеење на мигот, во кој таа и би се вратила, а кога човекот немаше со што да фрли, таа зеде пак да се шиба огромна и блиска, каква што беше, за да можеш да ги здогледаш и црните српови од ноктите на нејзините шепи, за да можеше да го видиш секое превиткување на тупата болка во нејзините скокови, за да можеш да ги видиш и нејзините крвави непца, за сето време испуштајќи некакво подмолно завивање, полно со една ужасна, здржана, придушена бол, а Змејко, кој уште на првиот нејзин чекор знаеше дека ќе мора да отстапи, сега, кога она завивање нараснуваше во некакво ужасно стенкање кај она ѕвере, готово да расчешне сѐ, што ќе му се најде на патот, го сети дивиот ветер како го подига угоре и како го урива во провалијата под неговите петици и расплакан и сосема совладан тој отстапи.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Пргава и сигурна шепа ги зари своите канџи во нејзината слабина додека беше наведната над растението.
„Невестата на доселеникот“
од Стојан Христов
(2010)
Ливадата на ова сосем голо теме од моето присуство облик ќе си земе достатен за сите чудесни каприци што висат со набој на две овчји цицки во оваа прва архетипска штама прецизно се слушам како блеам сама се одбивам и пуштам во чисто звучни пруги моето ткиво да пропадне во флуид ливадата ин виво бесконечно ја рудам ме нема, ме нема не знам како пеам и зошто се трудам Знам, моја силуета но друга овца шета со оваа шепа.
„МАРГИНА бр. 2“
(1994)
Бевме внатре, во неговата соба, а однадвор на прозорецот, видов како мачето гребе со малата шепа по прозорецот.
„Братот“
од Димитар Башевски
(2007)
Запреа пред шепите на исправената мечка на која, секако, не ѝ беше по волја некоја да ѝ се натрапува во територијата.
„Авантурите на Дедо Мраз“
од Ристо Давчевски
(1997)
А оттаму, кучкините синови, има таму една шепа од нашинците кои имаат големи уши и долги јазици, па и на лајното му викаат папо.
„Постела на чемерните“
од Петре Наковски
(1985)
Сркаат од лименката, подавајќи си ја лажицата и, кршејќи го парчето пченкарник, ги собираат во шепата трошките или ги ронат во лименката.
„Постела на чемерните“
од Петре Наковски
(1985)
Се ребреше очекувајќи го првиот удар, првиот заграб на оние шепи.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Еднаш мислев дека е далеку од мене и од многу други луѓе, дека е само за една мала шепа луѓе, една таква судбина на одбраните на оние што сакаа и што се бореа, што живееја само за да сакаат и да се борат, и што најпосле успеаја да го преуредат животот.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Тап удар на земјата врз кивурот. Тој симна капа, кротко поттурна старец кој стои пред него, се наведна, насобра шепа земја и ја фрли во гробот.
„Големата удолница“
од Петре Наковски
(2014)
И умираше во густ бамбусов сплет под тешки шепи на џиновски тигар додека над него раснеа небото и восхитениот шепот на африканските ѕвезди.
„Две Марии“
од Славко Јаневски
(1956)
Потоа некој ја стави својата тврда шепа помеѓу моето лице и земјата и ме покри со нешто.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Тоа траеше сѐ дури мечката не се доближи до неговото јарче, онаква распафтана и несмасна, а после и сѐ додека не зеде, пред негови очи, да го расчеречува со своите несмасни шепи неговиот лов и неговата среќа, тука, веднаш пред него.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
А за баба и дедо, бидејќи немаа заби - киселица, по мерка две шепи пченично и по една – ’ржано и пченично брашно и се печеше во черепна под сач.
„Големата удолница“
од Петре Наковски
(2014)
Дува во шепата, а откако го издувува чекласот, со растреперени прсти го чисти глотежот.
„Постела на чемерните“
од Петре Наковски
(1985)
Една група старци држејќи ги во шепите цигарите свиткани од весникарска хартија и крупно дробен тутун, расправаат за нешто.
„Постела на чемерните“
од Петре Наковски
(1985)
Ја нарами пушката, силно истри дланка од дланка, дувна во шепите неколкупати, зачекори до стеблото, се врати назад, се подигна на прсти и се обиде да погледне преку високиот намет.
„Големата удолница“
од Петре Наковски
(2014)
Ги заби двете шепи меѓу врелите и козји и ѓаволски влакнести бутини и заплака.
„Месечар“
од Славко Јаневски
(1959)
Тогаш мачката молскавично ја крена предната шепа и силно ме изгреба долж целата рака.
„Чкртки“
од Румена Бужаровска
(2007)
Фаќајќи го, мачорот се превртуваше и се свиткуваше по тревникот заедно со глушецот, постојано држејќи го помеѓу муцката и шепите, како да беше неодмотано клопче преѓа.
„Невестата на доселеникот“
од Стојан Христов
(2010)