шина (ж.)

Нѐ построија покрај шините, покрај чакалот и нѐ шетаат ко кучиња на мочање.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Стрпи се малку, ќе видиме! - шепотеа шините. Еве ги, доаѓаат!
„Билјана“ од Глигор Поповски (1972)
И кога горчината во неговото челично срце се прелеа, им рече на ’рѓосаните шини под себе: - Не можам веќе!
„Билјана“ од Глигор Поповски (1972)
Доколку имате намера да се ставите на шини и да ве прегази воз, може во меѓувреме да се премислите со оглед на реткиот сообраќај како што реков претходно.
„Двоглед“ од Горан Јанкуловски (2011)
Почна да го лови шепотот на шините.
„Билјана“ од Глигор Поповски (1972)
Некој ќе клекне и ќе ги бацува шините, се моли да го однесат.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Оти последен нивниот вагон, назад нема ништо друго освен безброј шини што се собираат таму на крајот само во две, а ваму, нагоре, на кај главата на возот, луѓето веќе се раздвижиле и ги растоваруваат бовчите, вреќите и другите нешта што ги напикале во вагоните.
„Исчезнување“ од Ташко Георгиевски (1998)
Возовите одеа негде, по сјајните шини од главниот колосек, ги поврзуваа далечините и убавините на овој убав свет.
„Билјана“ од Глигор Поповски (1972)
И не чекајќи ни да запре возот сосема, на знак на Белича, обајцата искокнаа на задната врата и преку шините што блескаа од утринската роса, се изгубија во темнината.
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
Возот си штрака, го осеќам и мрдањето на праговите под шините.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Го гледаме напивањето вода на локомотивите, шопањето на широкото црево озгора, удирањето со чеканче по шините, давањето сигнали со свирчето и знаменцата, гровтањето на маневарките.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Ги затворија вратите од вагоните. Локомотивата свирна и тргнавме по шините по кои јас појдов пеш.
„Постела на чемерните“ од Петре Наковски (1985)
Но, со настапувањето на вечерта, старите изабени шини од заборавениот колосек одеднаш се возбудија.
„Билјана“ од Глигор Поповски (1972)
Маријанти си отиде при крајот на септември и наредниот ден веќе не го слушнавме острото ѕвонење на парчето шина кое нѐ будеше во раните зори и трчаница, сѐ уште по мрак, носејќи го сонот во заспаните очи, моравме да се построиме на плоштадот и со строев чекор што побрзо да ја заземеме малата лединка лево од касарната на која секое утро, во пропишано време, припадниците на албанската воена морнарица истрчуваа на утринска гимнастика.
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
Колку пати ми дојде да легнам на шините: да ме иструпи возот, што се вели, да ме искасапи.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Ноќниот воз, во оган и бес истрелан низ шините, се издигна и исчезна над студената земја кон север, оставајќи црн чад и пареа за да се растопи во застоениот воздух, неколку мига откако мина и замина засекогаш. 90
„Лек против меланхолија“ од Реј Бредбери (1994)
Пругата е откорната, праговите превртени. За шините дремат врзани коњи и магариња.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
а возот само си пуфка, си штрака на шините, и од тоа не се слуша многу нашето викање, грми, не чувме и кога грмнало небото и туку - удри еден дожд на вагонот, штрака, така, така, така, како да работи машина за шиење, ако си чул, ама кај ќе чуеш, кај нас се шие на рака, колва озгора дождот, и почна да претечува од тоа отворчето одозгора, почна да капе, да навева и ние се креваме замелушени, ги креваме главите, зинуваме со устите и чекаме водата да ни капе на јазикот, се поттурнуваме така подзинати нагоре, ко штркови во седело, а дождот си шие одозгора, си колва и нѐ понакрева, нѐ наживнува, ама после не се легнува во сламата, сламата се раскваси и сите болви наскокаа на нас, ни се пикаат под пазуви, под гуша, под ногавици, и боцкаат, дупат, ти ја пијат крвта, тоа што останало од крвта, колку едно песочно браздиче, и така паткаме, два дена и две ноќи паткаме, а може помалку, не знам...
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Единствено подобро од дремење на тераса во клацкалка е копање по автомобилски отпад, со сета таа железарија што тежи од звуци и приказни. Исто како шиниве и далноводиве.
„Најважната игра“ од Илина Јакимовска (2013)
Дента по блиските шини татнеа возови, шинобуси, пиштеа пробивно железничарски свирчиња, се сменуваа викови, песни, смеа, а стариот вагон на заборавениот колосек го гледаше сето тоа, слушаше и копнееше од мака.
„Билјана“ од Глигор Поповски (1972)
Повеќе