ѕида несв.
ѕидар м.
ѕид м.

ѕида (несв.)

Иако не беше седнат уште ниеднаш со мајсторите на скелето да ѕида, тој го имаше така научено мајсторскиот занает што немаше работа којашто сам не би можел да ја сврши.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Во дното голема и убава куќа сѐ до катот ѕидана од камен, а самиот кат од убаво изработена дрвена конструкција.
„Антица“ од Ристо Крле (1940)
Се наредува случајот претходно да биде испитан: ако старата црква навистина му припаѓала на споменатиот милет, ако во сето тоа не учествуваат и други милети, ако не се наоѓа во исламско маало или атар, ако земјата не е во состав на некој вакаф, и ако за ѕидањето нема никакви други пречки и ако молителите ги обезбедат потребните пари за ѕидање под услов да не бидат надминати споменатите димензии, да не се пречи ѕидањето на споменатата црква, туку да се задоволи молбата.
„Братот“ од Димитар Башевски (2007)
Знаат христијаните од Потковицата, како што знае и сиот христијански свет во европска Турција, дека ако порано турските закони сега фанариотите, кои имаат големо влијание врз султанот, им бранат на славјаните во Македонија да ѕидаат цркви и училишта - ако не се согласи во нив да се проповеда и да се учи на грчки и ако не се согласни да бидат под покровителство на Патријаршијата.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Околу куќарката имаше двор ограден со ѕидана авлија висока околу еден метар и со кренати ѕидани столбови меѓу кои имаше врамени жичани мрежи, сега разурнати и ’рѓосани, со малтерот испаднат.
„Продавница за љубопитните“ од Мето Јовановски (2003)
Патиштата се премачкуваат со чоколада, куќите се ѕидаат од шеќер, од реките медени риби се вадат и никој гладен не е веќе.
„Најголемиот континент“ од Славко Јаневски (1969)
Ќе го искршиме првиот ќунк на парчиња и ќе ги раз'рваме другите по него и така ќе се промолкниме еден по друг. А ми рекоа дека надвор од двориштево ѓеризот е ѕидан со плочи, четвртаст и толку широк што не ќе има потреба да го прошируваме.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Висока авлија ѕидана со камен. Едното крило од дебелата дабова порта искршено со секира.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
Трчаше бикот кон кожарата и со таква сила удир со роговите во ѕидот што тој пукна и се свалка пред нозете, како да не беше од камен ѕидан и со години печен, туку како да е детска реденица, лефтерна сувоѕидица.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
Дваесет години подоцна австрискиот војсководец генерал Пиколомини во писмото упатено до својот цар нагласува дека тврдината е ѕидана на стар начин, сега наполно без одбрана и вода, без простор за коњаница.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
Вистина куќата е здрава, сета е со камен ѕидана, ама од куќа кон никаде не се излегува.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Тула по тула, тула врз тула така се ѕида високиот ѕид.
„Добри мои, добар ден“ од Глигор Поповски (1983)
Работеа во Грција, градеа некаков санаториум крај маслинките на едни стари гробишта, подалеку од градот, ѕидаа повеќе зданија, а оној работеше на сонцето од сите тие денови, ги дигаше како од шега сите оние огромни блокови делкан камен, а неговата црвена коса како да расцутуваше на сонцето на тоа лето, беше постојано среќен и широко насмеан, со сите нив околу себе, со сите ѕидари и со сите деца, секогаш готов да стори нешто за секого од нив со оние огромни пегави и црвено издамчени рачишта да им помогне, а при тоа и да им се насмее со она свое големо лице, на кое постојано зрееше едно огромно задоволство со себеси и со сите други доста поситни од него луѓе, што се грижеа за него и што го слушаа со задоволство како труби неговиот глас меѓу ѕидовите, среќни со неговата момчешки несмасна шега.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Во отсуство на чичко Томе, кој уште во рани зори заминал за варница, да ја ѕида на суво со сур камен и суво грло, за леб и раат на челадијата и душата, мајка му го избаци по сите страни држејќи му го лицето меѓу дланките како велигденско јајце, и долго му мавташе со марамата од главата, небаре го испраќа чедото на далечен пат во непозната земја.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Ги ѕидаа, тие нови куќички, во еден прекрасен ред, се радуваа заедно со дечињата, што беа останати без куќи во оние неколку воени ноќи, така што веќе беа одвикнати да имаат своја дома, а сега од утро до мрак стоеја крај нивното градилиште и гледаа како никнат нивните нови куќички со своите чудно умни и не според возраста загрижени очи, а после очите на сите мајстори им солзеа, заедно со придушениот плач, измешан со бранливата и надојдената во сапови смеа, на тие дечиња, додека им помогнуваа да се населат.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Возрасните ги озборуваа тие проклети арамии кои што таму и таму ѕидаат не куќа, туку палата бе, на три спрата!
„Филтер Југославија“ од Константин Петровски (2008)
Селаните не уриваат куќа што сами ја ѕидале, велам.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Големи камења влечкаа со кола од далеку, ги ѕидаа мајсторски, како вредни мравки...
„Ветришта“ од Радојка Трајанова (2008)
Тогаш Димитар Зојчев се насмеал, ја затворил тетратката, ја оставил на масата и станал: се прешетал низ канецларијата, потоа застанал пред Ристета, му ја ставил раката на рамо и му рекол: Во времето кô се ѕидаше црквата, во 1895 година, јас бев учител во Потковицата и го водев списокот на сите кои даваа пари за ѕидање на црквата.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Мајкиниот гроб е првиот ѕидан гроб во Потковицата и првиот Акиноски гроб во Потковицата, а по него и набрзо потоа дојде оној до него, на татка му...
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Повеќе