ѕидиште ср.

ѕидиште (ср.)

Врз растурените ѕидишта на сенките Во боја на портокал Летот длаби крај.
„Камена“ од Анте Поповски (1972)
Двориштата се заградени со камени ѕидишта и затоа селото има и улици.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Од коренот на штурите ѕидишта на урнатината подѕирнуваше непозната билка.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Има таква ноќ во која не постои збор Што може да ги одгатне сите лузни Има таква нож во која се распознаваат само `рѓосаните копја на оградата во дворот И некоја златокрила пеперутка што се провира низ нив Има таква ноќ во која ѕидиштата на собата се сосема голи И во која неочекувано до тебе како последна причесна Допира тешкото удирање на стар часовник
„Љубопис“ од Анте Поповски (1980)
Од манастирските ѕидишта и прозорци им фрлаа леб.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
Ѕидиштата се облепени со плакати и календари.
„Послание“ од Блаже Конески (2008)
Во градовите илјади безработни топеа сили крај високите, угаснати оџаци на фабриките и под пустите посивени ѕидишта од напуштените градилишта.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Внимателно и претпазливо ги опколивме ѕидиштата.
„Дружината Братско стебло“ од Јован Стрезовски (1967)
А јас би сакал да слезам од овие ѕидишта по славејот што клука под стреата по шумот на водите по ластарот на лозите зашто уште копнежот клука и времето ме јаде да слезам да истрчам да избегам во просторот во просторот зрачен потопол од сето време.
„Липа“ од Матеја Матевски (1980)
Утрото слушам гласови. Како да ми идат од преку некои ѕидишта.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Од рамните студени ѕидишта гледаа со строга зачуденост недовршени светци.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Ене, непријателот копа окопи, ја сече немилосрдно шумата, ги копа ливадите и лозјата, ги урива ѕидиштата, племните, та дури и куќите; ги копа огништата и визбите и прави бункери за да се задржи што подолго; за да го мачи што повеќе и Митрета и Петрета кои гледаа што се прави, а не можеа да помогнат.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Покрај нив се наредени „колпортерски“ дуќанчиња кои се потпрени до ѕидиштата на кејовите.
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
Таков: карпи од чии врлежи се образува неспомната, ни во книга ни на слика, царска тврдина со стотици пештери и пештерчиња низ кои се спровираат лачи, под облаци чија боја е згуснатост на спокој и на кои лежи бакарно-портокалеста дамка и предвидува дека од некаде ќе скокне со јунешки пркос сонцето и ќе ја измени бојата на темната, спокојна, скоро мртва вода на чие дрво се претчувсвтвуваат билјурни ѕидишта на манстир; низ прозорците на ѕидиштата се провираат сребрени и модри ластари, на нив висат гроздови од мали сонца.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Времето на исчезнатите цивилизации почиваше врз овие киклопски ѕидишта.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Животот ги вика нив надвор од овие запрашени ѕидишта...
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
ВО ЕДНО неделно мајско попладне кога сиот Париз беше огреан во сонце, и кога по Сена се влечеа хидроглисери, начичкани со патници и туристи, на кружни патувања околу Париз, и кога на ѕидиштата на оваа голема и прочуена париска река на самиот дофат на „Нотр Дам“, имаше најмногу продавачи на стари книги, геграфски карти, уметнички репродукции, пред една пристара црквичка на „Сен Мишел“, токму во овие кривулести и тесни стари париски улички, кои тоа попладне беа преполнети со шетачи и туристи, вниманието ми го привлече една поголема група млади луѓе собрани пред црквата.
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
Околу масата стоеја наредени столчиња, на средето од собата се наоѓаше црниот стол на кој седеа обвинетите, а крај ѕидиштата миндери за мезличарите и други пријатели или службени лица.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Околу него се движеше и трепереше долга поворка - нечујна, разбранета и жестока во својата притаеност; се свлекла од ѕидиштата да се врти в круг како сиво проклетство, колона во која несигурно се претчувствува нишање на румени женски колкови и студена вкочанетост на ликови готови да обвинуваат за грев, сега кога тој, гревот, надоаѓаше со навев и се пробиваше низ многуте канали на свеста.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Потоа пресметале колку што умееле и биле задоволни - суви, ковчести, долгозаби, повеќето од половината со руси заткарпатски бради: во мракот на ѕидиштата, освен воденичките камења што ги немале, можеле да се згрчат двајца: едниот да оглувнува од тракањето на прплицата, безгласен и со сув душник под дрипавиот минтан, живо тесто од крв и брашно, другиот со воздишки да стои зад прозорчето и со секира или кременка да ја брани селанската мака.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Повеќе