Множење со нула
Не ме фаќа место, не сум овде
во оваа одломка престорена во космос
блудам и во отсутност преминувам
« тегоба во тегоба »
сѐ додека зборот не исчезне
и тој ли
осуетен, сетен
анаграм
сѐ додека повторно не се овоплоти
- помалку алегорично, повеќе пародично -
и не нѐ потсети дека меѓу двата света
освен двата
постои некој трет
за некој друг
не за нас
за минус еден
за минус два
за минус
сѐ додека
не остане
и не стане
сѐ
прааззззннноооо
ОО 00 оо
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)