три (бр.) - прст (имн.)

Во оџачето одново прсна искра, за миг ги осветли и ги зголеми сенките врз ѕидот и Циљка толку долго ги гледаше, колку што летот на искрата во чија светлина го виде бледото и питомо лице на Мита и десницата нејзина во одвај видливо движење крената до челото кое го допираше со трите прсти...
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
Ги гледаш овие три прста? Ги состави трите прста прабаба ми, палецот, показалецот и средниот прст, правејќи врв како пирамида со три страни, составувајќи ги тие три силни енергии во една, како симбол на светото Тројство, па почна со нив да се одбележува, цртајќи крст врз себе.
„Ветришта“ од Радојка Трајанова (2008)
Сега попот беше тој што што нè научи инаку да се крстиме: до доаѓањето на поп Доне, според тоа како нè имаше научено Петре Даскалот, кога се крстевме, главите ги држевме веднати, а откако дојде поп Доне, пред да се прекрстиме, требаше прво главата да ја навалиш убаво назад, убаво да го видиш таванот, демек небото и тогаш трите прсти да ги ставиш на челото и да речеш „Во имја Оца“ и потоа полека да ја враќаш главата назад што кога ќе речеш „Амин“ со трите прсти на срцето, главата да ти бидесвртена кон земјата ама малку накривната влево, пак кон срцето.
„Крстот камбаната знамето“ од Мето Јовановски (1990)
Левата нога ми е четири прста пократка. Три прсти отидоа.
„Буре барут“ од Дејан Дуковски (1994)
И тогаш бегалецот од турската војска со исечени три прсти на десната рака, Татар или Монгол или Черкез и присилен левучар, им се предал на востаниците со посредување на попот Зафир Јосков Вртипоп, и самиот востаник со фишеклии преку искрпената мантија, со мавзерка, призренска кама и сребрено распетие, им се предал и го бакнал белиот коњ во двете ноздри.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Со левата рака, на десната негде и некогаш некој му ги исекол трите прсти, со палецот и показалецот можел само да наденува конец на игла, да крпи јамки на парталосаните беневреци или нешто слично, да ја треби од гниди ленената кошула или да ги суче прудолу ретките мустаќи.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Во имја отца! - рече и го допре челото со трите прсти, - и сина! - и ја спушти раката над папокот, - и свјатого духа! - и ги залепи трите прста до десното раме, - амин! - го заврши крстењето.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
XXIII. Беше скован во цврст чардак, со три прста опрашка од пепелав снег одозгора, и чкрташе под неговите стапала.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Кон мензата на градежното претпријатие Бетон беше придодадена една одаја, ѕидана, легната на самата земја, оти душемето на одајчето од надворешната кал ја делеше само едно прагче два три прста дебело.
„Исчезнување“ од Ташко Георгиевски (1998)
Но чичко Томе ја пие велгошката черешновица како изворска вода, се налева од неа и ја потиска со крупни залаци, грабнати со три прста.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Застаната пред затворената порта, со патерицата сѐ уште под левата мишка, ги потокми трите прста од десната рака и, носејќи ги кон челото, ја крена главата упатувајќи го погледот кон небото по што се прекрсти.
„Човекот во сина облека“ од Мето Јовановски (2011)