Ми беше јасно дека Луција не ме избрала мене за оној кој прв ќе има можност да го види раѓањето токму на тоа движење; јас знаев дека тоа движење на Луција не е и мое, и сакав ние да имаме само наше движење, и не сакав да учествувам во тоа, како што е природно љубовникот на една жена да не сака да ги носи пиџамите на нејзиниот претходен љубовник; ме излудуваше мислата дека таа дури сега ме допушта во себе, откако стекнала извесна предност во искуството со мене, откако го научила тоа движење и сега ете, ми го покажува, како што се покажува нов автомобил на некој кој нема никаков.
„Папокот на светот“
од Венко Андоновски
(2000)
Го виде раѓањето на градските светилки и се сети на една крчма во која како крв шумеше бела ракија. Побрза наведнат и исклештен како вепар.
„Месечар“
од Славко Јаневски
(1959)