18. Времето се грижи за зборот зборот што го обновува Тој што му длабеше во корењето го гради доградува и виши во куќата на светот Вербата штира не е Ни неверен е зборот Убавината да му се верува на надежта е врсник И онаа земја иловица густа раката што му ја памети се врти врти и понатаму во лика нова нудејќи ја светлината нова на говорот ризата небесна нитките што ја ткаат на несвенатиот збор И уште и натаму сега од пределите на глината над запомнатата стреа продолжува тој кон муграта да гледа со стрептеж незгаснат за повтежот на говорот да го досегне реченото
„Елегии за тебе“
од Матеја Матевски
(2009)
Одам по долината завлечен по облакот од дамнешниот чад над сниските покриви зад меѓите, зад грмојте, зад високите крошни на дабовите зад крушите што се сушат зад сливите што капат зад јаболката во кои пее есента та мириса сета долина на топли пазуви и тихи мусандри во оние стари градски куќи што се вишат во куќите изгубени во правта на калдрмата во куќите чии чардаци чии пармаци уште се свртени кон долинава во која бавно се враќам како во стара книга што постојано се превртува во дланките на осамата.
„Липа“
од Матеја Матевски
(1980)