3. Нерамна игра
Триаголниците поаѓаат од ист центар
квадратот го ништат, правиот злокобен агол
еве ја шестката – превртливиот
и бескрајно лажлив круг со кука
со јаречки рог на врвот
наполу слепи, наполу видовити
прстите кратат
очите врзуваат
но, ја преминат ли/
кревката мрежичка на видливото
заборават ли на Играта, Домине
ќе гргнат невидливите нумери
сефироти, корени и децимали
деливи и неделиви
ќе го скршат јајцето под конец
бележитото ќе го издвојат
и неверното
фикцијата од тристашеесетишест степени
ќе ја расцепат на две-три-четири
ќе добијат полутки
опозиции, ѕвезда до ѕвезда
квадрат во квадрат – круг
магија, вавилонска перла
ниска по ниска
алка по алка, ала – слобода.
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)