Не обраќајќи ѝ се на никоја посебно, додека уште ѝ го гали образот на малечката, вели, трудејќи се најстарата да го чуе и истовремено во ретровизорот покажува дека би се фрлил во длабочините на погледот што му го нуди малечката, предизвикливо насмеана: „Што би било малечкава вечерва да преспие кај мене, а јас утре да ви ја донесам во Гостивар?“ „Не може!“ вели најстарата.
„Продавница за љубопитните“
од Мето Јовановски
(2003)
Така при запалени боринки се собиравме во една одаја сите што бевме останати во селото, ги одврзувавме црните шамии, врз нив ги стававме кадрата на нашите дечки и ги гледавме, им шепотевме, а тие само не гледаа и не гледаа, а ние со шепот им зборувавме и со лесен допир, со прстите им галевме образи и чела, со болно навлажнети усни им бакнувавме очи, а тие само не гледаа и само молчеа.
„На пат со времето“
од Петре Наковски
(2010)