Сега со години талка сам низ полето и ги собира стакленцата од очилата на детето некогаш што седеше во првата клупа и кое најубаво ја кажуваше песната: кога е војна – секое дете е јаболко расечено на две половини кон земјата зелена кон небото – црвена.
„Љубопис“
од Анте Поповски
(1980)
Нишан
(поделено јас)
Договор е јаболко да не клаваме
во разговорот - кутија отворена:
раздорот, пан-доратот
на мегдан сам ќе дојде
во ситен кас, ненасит
јаболкото е за по дома
уште повнатре
за интимни дела
(пред употребата добро да се одмери)
уште повнатре
во умот без него
-една глава сто ума-
расцеп на личноста, пизма без име
како јас-бол, како разроко јас
поделено јаболко: поделено ти
камен-меѓник (кај и да погледнеш!)
во мојата нива коренот
во твојата плодот
а сенката паѓа на сите страни
на светот, АДАМ.
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)