е (гл.) - лут (прид.)

Мустаќите изострени и подсвикнати нагоре како рокчиња од овне; на средината пожолтени од лулето што постојано го држи в уста; веѓите густи и спуштени над очите како ластовичини крилца; прстите на рацете глуждести, а кожата на дланките стврдната да може да фаќа и мраз и жар, и трње и коприви; на главата паларија: летен-зимен украс што го донесе од печалба; од погледот му зрачи стаменост и мудрост, почесто само со погледот зборува и со него ти ги открива мислите; со погледот како на терезија го мери соговорникот и открива колку му тежи умот; во ретки моменти кога е лут се забележува како резанките на челото му се поткреваат и спуштаат водејќи борба.
„Животраг“ од Јован Стрезовски (1995)
Во последно време доста размислувам за татко ми. Претпоставувам дека сѐ уште ми е лут.
„Невестата на доселеникот“ од Стојан Христов (2010)
Пали, пали! Како оган е лута. - Пали, синко, пали, ама со тоа се фали! - се насмеа мајка му.
„Волшебното самарче“ од Ванчо Николески (1967)
Таа знае дека Пелагија со болка се разбудува на тој ден, постојано како да ѝ е лута на Богородица, ама нели си простија една со друга кога прв пат ја однесе в црква?
„Црна билка“ од Ташко Георгиевски (2006)
Гласот малку ѝ трпереше, како секогаш кога се воздржува да не покаже дека е лута.
„Јас - момчето молња“ од Јагода Михајловска Георгиева (1989)
МЕТОДИ: Појди. Знаеш и самиот каков е Иванов кога е лут.
„Црнила“ од Коле Чашуле (1960)
Во душата се стемнува, мозокот потонува во мрак, нервите напнати, секој е лут и гневен.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
Враќајќи се кон куќичката Пелагија се обидуваше да разјасни зошто дојде Чана, дали да покаже дека е лута што не е повикана на армасот на Деспина, или едноставно да ја потсети на оној дамнешен црн ден што никогаш не се заборава, или навистина сакаше да се распраша како ќе ги носат децата до на школо?
„Црна билка“ од Ташко Георгиевски (2006)