Акакиј Акакиевич мислеше, мислеше и реши дека ќе мора да ги намали вообичаените трошоци, најмалку во тек на една година; да се откаже од чајот за вечера, навечер да не пали свеќа, а ако е потребно нешто да се сработи, да појде во собата на газдарицата и таму да работи покрај нејзината свеќа; додека оди по улиците, да гази што е можно полесно по камењата и плочите, речиси напрсти, за да не се излитат пребрзо ѓоновите; што е можно поретко да ѝ ги дава на перачката валканите алишта, а за да не му се валкаат, секојпат кога ќе дојде дома да ги соблекува и да останува само во полупамучната облека, мошне дамнешна и поштедена дури и од самото време.
„Црни овци“
од Катица Ќулавкова
(2012)